• понеделник, 23 декември 2024

Израел ги повлече дипломатите од Турција по говорот на Ердоган

Израел ги повлече дипломатите од Турција по говорот на Ердоган

Тел Авив, 28 октомври 2023 (МИА) – Израел ги повлече своите дипломати од Турција за да ги „преиспита врските“ меѓу двете земји, по критиките на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за војната во Газа, соопшти денеска израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен.

- Со оглед на острите изјави кои доаѓаат од Турција, наредив отповикување на дипломатските претставници за да се преиспитаат односите меѓу Израел и Турција, напиша Ели Коен на социјалната мрежа Х.

Турскиот претседател Ердоган денеска го обвини Западот дека е „главниот виновник за масакрот во Газа“, а го обвини Израел за воени злосторства.

- Израел, пред целиот свет те прогласуваме за воен злосторник … Израел, вие сте окупаторите, освојувачите. Секако дека секоја земја има право да се брани, но каде е правдата? Тоа што се случува во Газа не е самоодбрана, туку колење, рече турскиот претседател.

Со малку попомирувачки тон, тој ги повика Израелците да не го „омаловажуваат чувството на сочувство меѓу Турците“.

- Послушајте ги нашите повици за дијалог, преземете чекор во вистинската насока за доброто на вас и вашите деца. Веруваме дека нема да има губитници во праведен мир, рече Ердоган. јт/

Остани поврзан