• сабота, 23 ноември 2024

Израел бара Црвениот крст да има пристап до заложниците во Газа

Израел бара Црвениот крст да има пристап до заложниците во Газа

Ерусалим, 6 декември 2023 (МИА) - Израелската армија денеска побара Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да добие пристап до киднапираните Израелци и странци кои од 7 октомври беа заложници на палестинската организација Хамас во Газа.

„Секоја минута во заробеништво ги доведува во опасност животите на заложниците“, изјави воениот портпарол Даниел Хагари, оценувајќи дека меѓународната заедница мора да дејствува.

„Меѓународните организации знаат кој е нивниот мандат, а ги знаат и фактите, Хамас ги спречува да ја вршат својата работа“, додаде портпаролот.

Израел го критикува МКЦК, кој на крајот на ноември соопшти дека не знае каде се заложниците и дека не може да дојде до нив бидејќи нема договор со киднаперите.

Хагари изјави дека „138 заложници, деца, жени и стари лица се во рацете на Хамас повеќе од 60 дена во брутални и нехумани услови“, дека некои имаат хронични заболувања, некои се ранети за време на нападот, а за некои дека „секоја минута е клучна“.

Околу 240 Израелци и странци беа насилно однесени во Појасот Газа од страна на палестинските екстремисти на 7 октомври за време на нападот врз јужен Израел во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе, главно цивили.

Израелската армија веднаш одговори со жестоко бомбардирање на Појасот Газа, а подоцна, на 27 октомври, со копнени операции.

За време на еднонеделното примирје на крајот на ноември беа ослободени 105 заложници, вклучително и 80 Израелци, со двојно државјанство и странци, во замена за 240 палестински затвореници во израелските затвори според договорот меѓу Израел и Хамас со посредство на Катар.

Ослободените заложници вработените на МКЦК му ги предадоа на Израел. Хамас сега исклучува секаква можност за ослободување на заложниците доколку не се постигне траен прекин на огнот.

Воениот портпарол најави дека израелската армија ќе направи се што е во нејзина моќ за да ги ослободи заложниците и ги повика и другите да го сторат истото. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан