• вторник, 24 декември 2024

Израелските тенкови се повлекуваат од кампот во Газа, во нападите загинаа 30 Палестинци

Израелските тенкови се повлекуваат од кампот во Газа, во нападите загинаа 30 Палестинци

Газа, 29 ноември 2024 (МИА) - Најмалку 30 Палестинци беа убиени во израелските воени напади во Појасот Газа во текот на ноќта, повеќето од нив во кампот Нусејрат во срцето на енклавата, соопштија медицинските лица денеска откако некои од тенковите се повлекоа од областа во која влегоа.

Лекарите рекоа дека пронашле тела на 19 Палестинци убиени во северните области на Нусејрат, еден од осумте бегалски кампови во енклавата кои се таму долго време.

Некои тенкови останаа во западниот дел од кампот, а палестинската служба за вонредни состојби соопшти дека нејзините тимови не биле во можност да одговорат на повиците за помош од жителите заробени во нивните домови. Останатите се убиени во северните и јужните области на Појасот Газа, додаваат лекарите.

Во меѓувреме, израелските власти ослободија триесетина Палестинци приведени за време на офанзивата во Газа во изминатите неколку месеци. Лекарите им рекоа на новинарите дека ослободените биле пренесени во болница во јужниот дел на Газа каде им била укажана медицинска помош. Ослободените Палестинци, притворени за време на војната, по нивното ослободување се пожалија на злоупотреба и тортура во израелскиот притвор, но Израел го негира тоа.

Месечните напори да се преговара за прекин на огнот и примирје во Газа не резултираа со никаков напредок, а преговорите сега се во мирување.

Прекинот на огнот во паралелниот конфликт меѓу Израел и либанскиот Хезболах, сојузник на Хамас, стапи на сила пред зори во средата. Тогаш завршија непријателствата, кои нагло ескалираа во последните месеци, дури и го засенија конфликтот во Газа.

Речиси 44.200 луѓе се убиени во израелската кампања во Газа, а речиси целото население на енклавата е раселено и принудено да избега од конфликтот барем еднаш, изјавија официјални лица од Газа. Големи делови од територијата се целосно урнати.

Милитантите предводени од Хамас, кои ги нападнаа израелските заедници во јужниот дел на земјата пред 13 месеци, предизвикувајќи војна, убија околу 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници, соопшти Израел. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан