• среда, 25 декември 2024

Израелскиот претседател го довери мандатот за состав на нова влада на лидерот на опозицијата Лапид

Израелскиот претседател го довери мандатот за состав на нова влада на лидерот на опозицијата Лапид
Ерусалим, 5 мај 2021 (МИА) - Израелскиот претседател Рувен Ривлин денеска одлучи да му го довери мандатот за состав на новата влада на лидерот на опозицијата, Јаир Лапид. Ривлин ја објави својата одлука во живо на телевизија, еден ден откако премиерот Бенјамин Нетанјаху го извести дека не успеал да формира владејачка коалиција до вторник на полноќ. Тој рече дека денеска се консултирал со сите партии избрани во израелскиот парламент, Кнесетот, на изборите на 23 март и изрази уверување дека Лапид, лидерот на партијата „Има иднина“, има најголеми шанси да формира коалиција. Лапид, чиј покоен татко Томи Лапид, родум од Нови Сад, беше новинар и политичар, министер за правда, исто така беше новинар и популарен ТВ-презентер и министер за финансии од 2013 до 2014 година. Како што пренесуваат странските агенции, тој сега има четири недели да постигне договор со потенцијалните партнери и се соочува со тешка задача бидејќи партиите во Кнесетот немаат ништо заедничко освен непријателството кон Нетанјаху. Сепак, Лапид може да влезе во историјата ако стави крај на долгото владеење на Нетанјаху, кој беше премиер 12 последователни години, а вкупно 15 години. паг/

Остани поврзан