Израелскиот министер за одбрана побара од армијата план за одлучувачки пораз на Хамас
- -Не можеме да дозволиме да бидеме вовлечени во долга исцрпувачка војна додека заложниците се во тунелите на Хамас, нивните животи се во опасност и тие многу страдаат, рече Кац.

Тел Авив, 10 јануари 2025 (МИА) - Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, побара израелската војска да претстави план за „одлучувачкиот пораз“ на палестинското движење Хамас, доколку заложниците не бидат ослободени од Појасот Газа пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата претседател на САД.
Во соопштението од кабинетот на Кац се наведува дека на средбата на високо ниво било нагласено дека ослободувањето на заложниците останува главен приоритет на израелскиот безбедносен естаблишмент, објавија денеска израелските медиуми.
На средбата, меѓу другите, присуствуваше и началникот на Генералштабот на Израел, генерал потполковникот Херзи Халеви.
-Не можеме да дозволиме да бидеме вовлечени во долга исцрпувачка војна додека заложниците се во тунелите на Хамас, нивните животи се во опасност и тие многу страдаат, рече Кац.
Министерот и наложи на војската да ги наведе потенцијалните пречки за спроведување на планот, вклучително и хуманитарните грижи, и да ги остави клучните одлуки на политичкиот ешалон.
Кац ги отфрли дискусиите за политичко решение за Газа, велејќи дека ниту еден арапски или меѓународен актер нема да ја преземе одговорноста за цивилното управување со Газа доколку не дојде до целосен колапс на Хамас.
-Нашите команданти и војници водат херојска битка, но ние мора да усвоиме стратегија за да постигнеме одлучна воена победа и да ставиме крај на војната во Газа, рече израелскиот министер за одбрана.
Предложениот целосен пораз на Хамас ќе се фокусира на уништување на преостанатите воени единици на исламистичката организација концентрирани во Нусејрат и Деир ал-Балах во централна Газа, каде што се верува дека се држат повеќето заложници.
Израелската армија се воздржа од големи операции во тие области за да не ги повреди заложниците. Ваквата одлука е донесена со одобрение на израелското политичко раководство.
Кац е против долга војна, за која данокот би бил тежок, а стратешка победа нема да се постигне.
-Не смееме да се согласиме на исцрпувачка војна што би не чинела многу и нема да резултира со победа и решавачки пораз на Хамас, рече Кац.
Во последните недели, Израел и Хамас се чини дека се приближија до договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците. сд/
фото:МИА архива