• сабота, 24 август 2024

Израелската армија соопшти дека соборила ракета лансирана од Хутите од Јемен

Израелската армија соопшти дека соборила ракета лансирана од Хутите од Јемен

Тел Авив, 21 јули 2024 (МИА) - Израелската армија (ИДФ) соопшти дека изутринава успешно пресретнала и соборила балистичка ракета лансирана кон Израел од јеменските бунтовници Хути.

Во соопштението се наведува дека израелската армија го користела системот за противвоздушна одбрана со долг дострел „Стрела 3“ за пресретнување и уништување на ракетата, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Според порталот, израелските системи за противвоздушна одбрана „Стрела 3“ ја пресретнале ракетата надвор од израелскиот воздушен простор.

Поради можноста делови од уништената ракета да паднат на израелска територија, предупредувачките сирени се огласија во јужниот град Еилат, кој е честа мета на ракети и беспилотни летала лансирани од Хутите.

Ова е прв напад на Хутите откако Израел вчера изврши масовни напади врз пристаништето Ходеида, контролирано од јеменските бунтовници, како одмазда за завчерашниот смртоносен напад со беспилотно летало врз Тел Авив. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан