• вторник, 24 декември 2024

Изработката на првите банкноти се одвивала рачно, симболите го отсликуваат нашето културно-историско минато

Изработката на првите банкноти се одвивала рачно, симболите го отсликуваат нашето културно-историско минато
Скопје, 2 август 2022 (МИА) - Секој симбол на македонската банкнота си има свое посебно значење и ја отсликува нашата историја со која можеме да се гордееме. За изработката на првите бонови беше потребно многу време. Имав многу непроспиени ноќи, но и голема одговорност, вели дизајнерот на првите македонски пари Борче Тодороски за МИА. Вредносните бонови беа воведени како платежно средство во државата во 1992 година кога престанаа да важат југословенските книжни пари, а кованите пари од 1,2 и 5 денари остана да важат уште една година. На 7 февруари 1992 година во трезорите на НБРМ беа депонирани 27.858.696 парчиња вредносни бонови. Тие беа издадени во апоенска вредност од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1 000 единици и имаа  унифициран дизајн, но различна боја. На нив не го пишуваше името на новата национална валута. На предната страна, основниот мотив беше Македониумот, а на задната тутуноберачите. Тодороски за МИА раскажува дека изработката на боновите се одвивала рачно - цртал со перца, на питографи. - За изработката на првите бонови беше потребно повеќе време отколку што мислев. Сè се одвиваше рачно - цртав со перца, на питографи. Имав голема инспирација, но и страв и грижа дали ќе успеам. Првите вредносни бонови ги изработував рачно, без некои компјутерски помагала. Менував тушеви во боја на секој половина час, за да постигнам одредена боја и ми беше прилично мачно. Но, други можности и немаше во тоа време, а целата работа требаше да заврши во многу кратко време, објаснува Тодороски за МИА. Секој симбол на банкнотата ја отсликува нашата историја Во 1993 година беше пуштена првата серија на банкноти во вредност од 10, 20, 50, 100 и 500 денари. На парите беа претставени нашите најпознати знаменитости, како што се „Свети Софија“ во Охрид, „Свети Јован Канео“, „Самоиловата тврдина“, споменикот „Илинден“ во Крушево, Даут-пашин Амам, Саат кулата на Битпазар, Поглед кон зградата на Народна Банка Секој симбол на македонските пари, според Тодороски, си има свое посебно значење и ја отсликува нашата историја, со која можеме да се гордееме. Мотивот за изработката, како што вели, е нашето културно историско минато. За изработката на боновите биле потребни повеќе денови, а отежнителна околност било тоа што немало многу искуство во изработката на парите. Сепак, на крајот, како што вели Тодороски, целиот процес завршил успешно. -На крајот сè се заврши успешно, во доменот на можностите. Едно нешто кое сакам да го нагласам е големата поддршка која ја имав во тоа време од гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Борко Станоески и тогашниот мој директор во печатницата, Сашо Зафироски, вели Тодороски. За разлика од боновите, за изработката на македонските денари имало многу повеќе време, а се користела и компјутерска техника. - После вредносните бонови, при изработката на денарите користевме и помош од компјутерска техника за микротекстови и мрежички, кои пак се обработуваа рачно со разни комбинации. Сепак, и таа помош беше добредојдена за разлика од изработката за боновите, појаснува Тодороски. За изработката на македонските денари, како што посочува Тодороски, потребни се повеќе елементи - цртеж, гравура, микротекстови, мрежици, заштитни елементи кои не се гледаат со голо око, припрема за печатење... За Тодороски, најголема инспирација при изработката на парите била довербата што ја имал од државата. -Постои ли поголема инспирација кога ќе добиете доверба и шанса од државата да бидете дел од екипата која работи на нешто што по првпат се случуваше во нашето постоење? Самостојна држава, со свои пари - тоа тешко се опишува, може само да се доживее. На крајот, успеавме. Можеби ќе можевме и подобро, доколку имавме посовремени средства за работа. Но за жал, немавме, па со тоа што имавме работевме како знаеме и умееме. Благодарен сум на сите кои ми овозможија да бидам мал дел од тие тогашни историски случувања, појаснува Тодороски за МИА. Изложба по повод 30 години македонската монетарна самостојност Историјата на денарот како национално платежно средство може да се погледне во Музејот на Народната банка каде е отворена изложбата „В/редности и вредности“ со која се одбележува 30-годишнината на монетарната самостојност. Изложбата беше свечено отворена на 8 јули и е достапна за посетителите во следните шест месеци. Поставката, преку осум микроцелини, секоја посветена на засебната банкнота, го опишува и толкува културно-историското наследство употребено како предлошка за создавање на нивниот дизајн. Изложбата е поддржана од седум македонски музеи, коишто обезбедувајќи пристап до артефактите, овозможија да бидат претставени пред пошироката јавност како обележја на македонските пари. Музејот на Народната банка се наоѓа во зградата на Народната банка на Република Северна Македонија и е отворен за јавноста секој работен ден од 9 до 15 часот. Дозволени се и групни посети, со претходна најава, а влезот е бесплатен. Бисера Трајковска  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан