• среда, 27 ноември 2024

Измените на Законот за експропријација го поминаа филтерот на Комисијата за европски прашања

Измените на Законот за експропријација го поминаа филтерот на Комисијата за европски прашања

Скопје, 22 мај 2023 (МИА) - Членовите на собраниската Комисија за европски прашања дадоа поддршка за Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација, по скратена постапка, кој е дел од пакетот закони за изградбата на коридорите 8 и 10д. Во рамки на комисиската седница беа одбиени трите амандмани поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на овој Предлог-закон. По поминатиот комисиски филтер, Комисијата за европски прашања го проследува законскиот предлог на натамошна постапка во Собранието. 

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми информира дека Комисијата утре на пладне треба да продолжи со петтиот и последен законски предлог од пакетот закони за изградбата на коридорите 8 и 10д - Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово - Гостивар - Букојчани и проектот за автопатот Требеништа - Струга - Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп - Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими за време на денешната расправа истакна дека се работи за измени на Законот за експропријација, кои не се однесуваат само на проектот за изградбата на коридорите 8 и 10д, но кои се констатирани со овој процес и ќе важат за сите проекти од јавен интерес и тоа не само за патна инфраструктура. Тој потенцира дека содржината на измените е заштита на правата на граѓаните, правата на сопственост и правата за станување. 

- Кога се работи за објекти, кои согласно Уставот спаѓаат во јавен интерес, се овозможува и допрецизирање, значи се работи за допрецизирање на правото на граѓаните кое постои во законот. Значи се работи само за надоместок кога треба да ги ослободат нивните објекти, додека најдат свои објекти во меѓувреме. Само тоа. Не станува збор за експропријација во овие измени, затоа што тие работи се дефинирани во законот. Значи само допрецизирање со цел да се забрза постапката на терен, а ништо надвор од досегашните законски прописи и всушност се работи само за прецизирање на правата на граѓаните и ќе  важат за сите инфраструктурни проекти, а не е исклучиво само поврзано со проектот за коридорите 8 и 10д, рече Бесими.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и за ова законско решение истакнаа дека со ставањето на пакетот закони за изградбата на коридорите 8 и 10д на ова Комисија се злоупотребува европското знаменце, бидејќи, според нив, овие закони немаат никакво усогласување со законодавството на ЕУ. Прашаа како и под кои услови земјата ќе ги започне преговорите со Европска унија, доколку ги крши процедурите на ЕУ со злоупотребата на европското знаменце? Тие изнесоа тврдење дека се поднесени законски решенија со кореспондентни табели кои се целосно празни и посочија дека власта воопшто не ги консултирала и не ги послушала експертите од фелата.

Од друга страна, пратениците од власта истакнаа дека проектот за изградбата на коридорите 8 и 10д е историски инфраструктурен проект, посочувајќи дека сите граѓаните во државата заслужуваат добри услови за живот.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, со Предлог-законот за експропријација „ќе се експроприра приватна сопственост, меѓутоа ќе се експроприраат и градби кои што немаат целосна документација, односно се бесправно изградени објекти“.

- Со експропријацијата престанува правото на сопственост на физички и правни лица , односно престанува приватната сопственост и престанува на правото на сопственост на единиците на локална самоуправа и Градот Скопје. Со законите за урбанистичко планирање и за градење видовме дека како проекти од стратешки интерес беа утврдени само оние за изградба на државни патишта и гасоводи, меѓутоа со промените на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење видовме дека објекти од стратешки интерес можат да бидат и кој било проекти за кои што Владата ќе донесе одлука дека се од стратешки интерес. Се прекршуваат уставните начела за заштита на правото на сопственост, рече Лефков.

Пратеничката на СДСМ, Лолита Ристова обраќајќи им се на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека процесот кон европскиот пат е почнат и кај вас е клучот за да продолжи овој процес.

- За глас за Европа, потребен е глас во Собранието. Потребни сте и вие како опозиција да кажете „да“ за Европа., затоа што Европа е таа која што ги нуди најголем дел од европските средства за подобрување на локалната инфраструктура. Тоа треба да го знаете и кон тоа треба да бидете заинтересирани во следниот период. Малку да ги разбудите градоначалниците, да се разбудат од зимскиот сон, пролет е, и веќе лето дојде, рече Ристова. фф/сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан