• недела, 01 февруари 2026

Изложба „Царево Село низ страниците на времето (1924–1937)“ во ЈЛБ „Илинден“ – Делчево

Изложба „Царево Село низ страниците на времето (1924–1937)“ во ЈЛБ „Илинден“ – Делчево

Делчево, 29 јануари 2026 (МИА) – Во читалната на Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево денеска беше поставена мала изложба насловена „Царево Село низ страниците на времето (1924–1937)“. На изложбата се претставени извадоци од весници што сведочат за историскиот, економскиот и културниот развој на тогашното Царево Село.

-Периодот од 1924 до 1937 година, прикажан преку архивски новински написи, ја отсликува динамиката на општествените промени, предизвиците и стремежите на локалното население. Весниците, како хроника на времето и глас на јавноста, овозможуваат увид во атмосферата и значењето на Царево Село во поширокиот историски контекст, изјави директорката на установата Биљана Петровска.

На отворањето на изложбата присуствуваше и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, како и поголем број граѓани, а во рамки на изложбата лично сведоштво сподели Благица Стоименовска од Делчево, која посочи дека една од објавените новински страници опишува вистински историски настан во кој учествувал нејзиниот прадедо. Таа нагласи дека во тогашните весници настанот не бил веродостојно прикажан.

-Вистината е дека тие се бореле за Македонија, а не биле бандити како што пишува во весниците. Биле предадени од овчарот кој се споменува во написите и потоа убиени. Станува збор за петмина, денес познати како Царевоселската чета, за кои има и споменик кај црквата во Делчево. Чувството е убаво, но пораката е вистината да биде обелоденета, изјави Стоименовска.

Од библиотеката истакнуваат дека целта на изложбата е не само зачувување на пишаната меморија, туку и отворање простор за преиспитување и подлабоко разбирање на историските настани, со цел историјата да им се приближи на сегашните и идните генерации.

Изложбата е реализирана со поддршка на Мартин Димоски од Скопје, кој доставил оригинални извадоци од весници во кои се споменува Царево Село. Од утре, сите новински извадоци ќе бидат изложени во холот на библиотеката, а од ЈЛБ „Илинден“ – Делчево упатуваат покана до граѓаните да ја посетат изложбата. вс/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан