• сабота, 23 ноември 2024

Изложба „Откривања: Дела од шпанската колекција на МСУ - Скопје“

Изложба „Откривања: Дела од шпанската колекција на МСУ - Скопје“

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Во Музејот на современата уметност - Скопје од денеска, без официјално отворање, може да се погледне изложбата „Откривања: Дела од шпанската колекција на МСУ - Скопје“.  Kуратори се: Владимир Јанчевски, Благоја Варошанец и Ива Димовски. Дел од тимот на МСУ, кои работеле на изложбата и на каталогот се и Јулија Манојлоска, Јадранка Милчовска, Љупчо Иљовски и Нада Прља.

Како што информира МСУ - Скопје, со оваа поставка сe одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Шпанија и Северна Македонија. Изложбата е резултат на соработката на МСУ - Скопје и Амбасадата на Шпанија во земјава и претставува дел од одбележувањето на 12 Октомври - Националниот ден на Шпанија.

По катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година и основањето на МСУ-Скопје во 1964 година, како што се наведува, се забележува придонесот и на шпанските уметници, што преку директните контакти, низ годините резултирал со една забележителна збирка донации. Таа била и дополнително проширувана, а уметници од Шпанија се вклучени и во некои од современите изложби.

- Изложбата „Откривања“ претставува избор од слики, графики, фотографии, таписерии и мозаик, создавани во период од 1937 година па сѐ до 2006 година, од повеќе генерации шпански уметници кои живееле и создавале во Шпанија, но и надвор од неа. Претставени се вкупно 39 дела на 26 уметници, вклучувајќи 27 дела од 19 уметници од Шпанската колекција на МСУ-Скопје (Р. Каногар, М. Милјарес, Лиза Рехштеинер, Луис Ортега, Жерар Ломен, Хозе Луис Галиција, итн), како и шест дела од четворица уметници со шпанско потекло или родени во Шпанија (Изабел Понс, Х.Рабаскал). Како надополнување, во изложбата се претставени и шест дела од тројца уметници инспирирани од Шпанија (Албер Сулилу од Франција; Бруно Талпо од Италија и Иво Вељанов од Македонија). Изложбата ја надополнува и изборот на документи, каталози и фотографии од архивата на МСУ-Скопје, кои го осветлуваат контекстот во кој се создавала колекцијата на МСУ и го регистрира шпанскиот придонес во неа, велат кураторите.

Шпанската колекција досега не е посебно претставена и со ова, како што се наведува, се прави првиот пообемен издвоен преглед, преку изложба и издавање на публикација што ги опфаќа авторите од шпанската колекција, како и авторите со шпанско потекло.

- Во последниве 30 години, некои од уметничките дела се првпат изложени пред јавноста. Особено е важно нивното претставување во денешниот момент, со цел да се истакне отвореноста и стремежот на МСУ-Скопје за унапредување на интернационална соработка, се вели во соопштението.

Изложбата ќе биде отворена до 3 ноември 2024 година. мд/са/

Фото: МСУ - Скопје 

Остани поврзан