• вторник, 24 декември 2024

Изложба на слики од 12. Mеѓународна ликовна колонија на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет

Изложба на слики од 12. Mеѓународна ликовна колонија на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет

Скопје, 1 декември 2023 (МИА) - По повод Светскиот ден на лицата со инвалидност - 3 Декември, вечер во Порта Македонија ќе биде отворена изложба на слики од 12. Mеѓународна ликовна колонија на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија – Мобилност Македонија, која од 2 до 7 октомври оваа година се одржа во Охрид.

Изложените дела се изработени од академски сликари, академски сликари со телесен инвалидитет и талентирани лица со телесен инвалидитет од земјава и од Србија. Како што е најавено, изложбата ќе ја отвори министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија – Мобилност Македонија соопшти дека  низ годините создал традиција во организирање ликовни колонии и изложби.

-Целта за организирање на ликовните колонии е да се поддржи и поттикне уметничкиот израз кај талентираните членови – лица со телесен инвалидитет, да создадат правилна перцепција за ликовните и естетските вредности, развивање способност за препознавање и соодветно вреднување на уметничките изрази и појави од секојдневниот живот, наведува Сојузот. 

Оваа колонија е единствена од овој вид во нашата држава која, како што истакнува Сојузот во соопштение,  „покажа дека уметничкиот потенцијал не знае за поделби и попречености и дека нејзиното организирање има претензии да покаже и докаже дека креативните потенцијали на лицата со телесен инвалидитет се многу поважни од предрасудите дека техничката изведба е најважна“. хс/вј/

 

Фото: Веб-страница на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија – Мобилност Македонија

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан