• недела, 24 ноември 2024

Изложба на концептуален филигрански накит на Марија Милошевска

Изложба на концептуален филигрански накит на Марија Милошевска
Скопје, 6 октомври 2022 (МИА) - Во Музејот на Република Северна Македонија во Скопје денеска ќе се одржи изложба на концептуален филигрански накит „Мамка“ на уметницата и етнолог Марија Милошевска. Марија Милошевска веќе дваесетина години го промовира филигранскиот занает преку современиот концепт низ различни медиуми како накит, инсталации, објекти, перформанси и видео арт. Инспирирана од најстарото пишано сведоштво за потеклото на вештачката рибарска мушичка, во светот позната под името Macedonian fly, во 2017 го создава брендот „МАкедонска МушичкА – МАМКА” кој го прикажува филигранскиот концепт како пристап, практика за накит и критички дискурс во креирањето на културата. Оваа колекција го истражува изработувањето на накитот како начин на размислување и толкување преку иновативен и применлив пристап во различни дисциплини. „Мамка“ е директно поврзана со моментот на опстанок, кој преку филигранското дело и техниката за изработка на вештачки мушички за рибарење се оживува во сегашното време како момент на постоење, преку практичен и уметничко - научен пристап. Културата, како начин на живот, претставува обид кој го вклучува значењето на егзистенцијата, светот на објектите и секојдневните пракси кои го произведуваат материјалниот живот, на тој начин што ни нуди модели за комплексна евалуација. Куратор на изложбата е Лени Дончева, историчар на уметност која работи како куратор во Градскиот музеј во Бад Херсфелд, Германија. Емилија Лазаревска магистер во областа на реставрација и конзервација на темперна техника, преку нејзиниот уметнички сенс несебично придонесе за креирање на визуелниот идентитет на оваа приказна. Видео инсталацијата е на Сергеј Сарчевски, дипломиран директор на фотографија при Универзитетот Westminster во Лондон, Велика Британија. Фотографиите се на Александар Ивановски, асистент Оливер Настески. Проектот е од национален интерес во културата за 2022 година и е поддржан од Министерството за култура. Изложбата ќе трае до 24 октомври 2022 година.см/мд/  

Остани поврзан