• понеделник, 26 август 2024

Изложба на дела од Владимир Темков во Кавадарци

Изложба на дела од Владимир Темков во Кавадарци
Кавадарци, 19 јануари 2022 (МИА) - „Виножито“ е насловена ликовната изложба што вечерва е отворена во Музеј галеријата во Кавадарци. Претставени се дела од ликовниот уметник Владимир Темков.
Директорката на Музејот, Весна Ѓорѓиева посочи дека се презентирани педесетина дела со спектар од боите на виното и житото.
За 40-годишното ликовно творештво на Темков, говореше Трајче Цветков, виш кустос историчар на уметност при Музејот.
-Тој припаѓа во редот на хиперактивните сликари, кои секојдневно работат и по 12 часа во своите ателјеа. За тоа сведочат и над 100 самостојни и групни изложби во нашата земја и насекаде низ светот. Иако во неговиот богат творечки опус има повеќе фази, сепак има една нагласена универзална симболика за убавините на својот роден крај, истакна Цветков.
На љубителите на уметноста им се обрати и самиот автор, кој денеска слави роденден.
Темков е роден во Кавадарци во 1959 година. Педагошка академија, Факултет за ликовни уметности и магистерски студии завршил во Скопје.
- Има работено на повеќе работни позиции, меѓу кои и референт за култура, директор на Младински дом „Младост“, директор на Дом на култура „Иван Мазов - Климе“, потоа ја има извршувано функцијата претседател на Комисија за култура на бивша СФРЈ и тн. Во својата досегашна плодна уметничка кариера има реализирано повеќе проекти и интервенции од областа на уметноста и учествувано на повеќе меѓународни конференции. Има реализирано над 50 самостојни изложби, учествувано на многубројни групни изложби како и ликовни колонии, стои во неговата биографија.
свд/бак/

Остани поврзан