Изложба на дела на тема вино и лозарство во Демир Капија
- Изложба на дела на тема вино и лозарство беше отворена синоќа во Музејот во Демир Капија. Станува збор за слики од ликовниот уметник Лазар Дојчинов. Настанот беше во чест на празникот Свети Трифун што се смета за заштитник на лозарите и винарите, а во рамките на традиционалната манифестација „Недела на традицијата“. Беа присутни љубители на уметноста од земјава и странство.
Демир Капија, 14 февруари 2026 (МИА) - Изложба на дела на тема вино и лозарство беше отворена синоќа во Музејот во Демир Капија. Станува збор за слики од ликовниот уметник Лазар Дојчинов. Настанот беше во чест на празникот Свети Трифун што се смета за заштитник на лозарите и винарите, а во рамките на традиционалната манифестација „Недела на традицијата“. Беа присутни љубители на уметноста од земјава и странство.
Цветанка Тодоровска Митрева, виш кустос археолог и куратор на изложбата, се осврна на животот и творештвото на Дојчинов, кој е роден 1948 година.
- Неговите професори Димитар Кондовски и Борко Лазески, од кои се стекнува со ликовна наобразба, се инспирација за создавање на негов, сопствен стил на творење, стил во кој е вткаен неговиот личнен белег, препознатлив преку булките и Големата мајка, гроздоберот и гроздоберачите, нашата македонска традиција на варење на ракија и подготвување на вино, силното тиквешко сонце, природата и природните убавини на Тиквешијата, истакна таа.
Притоа подвлече дека акварелот и маслото на платно се двете техники кои со леснотија на пердув се неговата лева и десна рака.
- Преплавени со длабоки силни бои и тонови носени од јасна и чиста духовна мисла, делата на Дојчинов зборуваат со јазикот на уметникот во исто време и емотивен и разбирлив, создавајќи ликовно културно наследство што ќе стои високо во галеријата на уметноста што ќе биде инспирација за сите идни ликовни творци. Дојчинов има создадено голем број дела чии патишта ги преминале границите на Македонија и стигнале до најдалечните меридијани на светот красејќи ги ѕидовите и витрините со неговата уметност, македонската уметност, додаде Тодоровска Митрева.
Патем нагласи дека досега, Дојчинов има реализирано над 35 самостојни изложби, учество на повеќе групни изложби и ликовни колонии. Член е на здружението „Родокрајци“ - љубители на уметноста и културата.

Градоначалничката на Демир Капија, Наталија Димитриева изрази задоволство од овој настан во боите на виното и свети Трифун.
- Како локална самоуправа, секогаш ги поддржуваме уметноста и манифестацијата што ги негува културните традиции. Голема благодарност до Дојчинов, кој ни приреди прекрасна изложба и на секоја слика може да видиме посебна приказна во која е прикажан трудот на лозарите, рече градоначалничката.
Уметникот изрази задоволство што ликовната изложба беше збогатена и со музика и со поезија. Тоа, нагласи, му дава посебна убавина на настанот.
Изложбата е со продажен карактер, а покровител и организатор е локалната самоуправа. Организатор е и општинската установа Дом на култура „Мирка Гинова“ од Демир Капија. свд/аа/
Фото: МИА