• сабота, 27 јули 2024

Изложба „Младински приказни" во Крива Паланка

Изложба „Младински приказни
Крива Паланка, 18 мај 2022 (МИА) - На централниот градски плоштад во Крива Паланка е поставена изложбата „Младински приказни (YOUth Stories)“ на младиот уметник и блогер Роберт Крстевски од овој град.
Методот на подготовка на оваа изложба се директни интервјуа и креативни разговори со младите лица чии приказни и пораки се негова инспирација.
- Во изложбата имам вклучено млади лица од целиот североисточен регион на нашата земја. Концептот го смисливме врз основа на пораките што младите личности сакаа да ги пренесат. Започнуваме со тоа дека „ти“ како личност заслужуваш да живееш квалитетна и перспективна младост. Потоа, застануваме против врсничкото насилство и даваме поддршка да ги користиме разликите како суперсили. Вториот дел е уметничкиот поглед кон светот. Младите испраќаат пораки дека уметноста треба да се негува и почитува во сите нејзини форми. Најсилните зборови ја затвораат оваа изложба, а тоа се пораките кои повикуваат на мир и единство бидејќи сите ние сме различни, но сепак исти - сите ние сме луѓе, изјави Крстевски.
Изложбата се реализира по иницијатива на Европската куќа во Крива Паланка (Europe House) по повод одбележувањето на Денот на Европа, 9 Мај. ид/сст/

Остани поврзан