• вторник, 24 декември 2024

Излевање на реки во Кумановско, екипите на кумановското водостопанство на терен

Излевање на реки во Кумановско, екипите на кумановското водостопанство на терен
Куманово, 10 јануари 2021 (МИА) - Поради зголемените врнежи од дожд се излеаја реките Крива Река и Пчиња во неколку села, информираа денеска надлежните од РЦУК Куманово и од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“, чии екипи веќе неколку дена ги санираат критичните точки по течението на двете реки.
Во селата Јачинце, Клечовце, Довезенце и Пчиња поплавени се земјоделски обработливи површини, викенд куќи, помошни простории. Пчиња се излеа и на игралиштето во селото Пчиња, како и на земјоделско земјиште на потегот на Пчиња кон Студена Бара.
- Во моментов излевање има на Крива Река кај село Ветуница (Ранковце) и излевање на Крива Река помеѓу селата Јачинце и Клечовце. Тоа е една од критичните точки кои во идниот период ќе мора да ги санираме, екипите се на терен во заштита на мостовите, односно расчистување на паднатите дрвја кои се во речното корито и доаѓаат до мостовите на реките Пчиња и Крива Река и таму се собира голема количина на вода. Нашите екипи работат на терен посоебно во село Драгоманце, Пчиња и село Ветуница. Во идниот пеирод ќе ги санираме овие критични точки, изјави раководителот на Водостопнаство „Кумановско -липковско поле“, Оливер Илиевски.
Според податоците на Регионалниот центар за управување со кризи, поради врнежите во кривопаланечкиот регион зголемено е нивото на Крива Река која се излеа на критичните места на потегот од Бељаковце до Довезенце, Јачинце и Клечовце. Водата се излеала на обработливото земјиште, но има и зафатени викенд куќи, помошни простории кои се наоѓаат во близина на речното корито. Екипи на Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ ги отстраниле дрвјата и гранките и овозможен е проток на водата.
Во меѓувреме има излевање на реките и во Старо Нагоричане. Поради врнежите во Србија зголемено е количината на водата на река Петрошница, и зафатен е макадамскиот пат кон село Макреш. Од РЦУК Куманово велат дека веќе е договорено со службите од Старо Нагоричане да се излезе на терен со механизација. И Пчиња се излеа и зафати дел од игралиштето во село Пчиња и делови од обработливо земјиште на потегот помеѓу селата Пчиња и Студена Бара. И таму интервенирале екипите на водостопанство. Засега, според подароците на РЦУК Куманово и на водостопнаство „Кумановско липковско поле“ стабилни се рекитте во урбаните средини, Кумановка, Липковка и Којнарка.
Претходно, и Кризниот штаб на Куманово препорача на водостопанското претпријатие да интервенира со механизација на критичните точки во Кумановско, а воедно формираше комисија за проценка на штети.ам/фф/

Остани поврзан