Изгласан буџетот на општина Бутел за 2025 година
- Советот на Општина Бутел денеска на седница го изгласа буџетот на општината за 2025 година во висина од 828 милиони денари.
Скопје, 26 декември 2024 (МИА) - Советот на Општина Бутел денеска на седница го изгласа буџетот на општината за 2025 година во висина од 828 милиони денари.
Градоначалникот Дарко Костовски, објави дека е донесен најголемиот, рекордно проектиран буџет кој некогаш го имала општина Бутел. - Усвоивме развоен буџет, буџет кој е наменет и исклучиво во служба на граѓаните. Буџет кој значи реализирање на барањата на граѓаните, објави на Фејсбук, Костовски.
-За жал советниците од ДУИ не го поддржа буџетот, не го поддржаа проектот за вода во Љубанци и Љуботен, не поддржаа нови улици во Љуботен, Визбегово, Скопје Север, Бутел, не поддржаа нови проекти и не го поддржа развојот на Општина Бутел. 20 години без никаков интерес за граѓаните на општина Бутел! 178 милиони денари за капитални проекти! Со овој буџет одвоени се рекорден број на финансии за капитални проекти, напиша Костовски.
Со овој буџет, како што информираат од Општината Бутел, се издвоени финансиски средства за реализација на парк во населбата Радишани, пешачка патека покрај река Серава, детска градинка во Бутел 2, уредување на речното корито на река Серава, реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел, реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици, изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација, изградба на нови спортско-рекреативни центри, нови детски игралишта, нови спортски игралишта, нови пешачки и пристапни патеки, поддршка на спортски клубови, спортски стипендии, субвенционирање за кровови и фасади, парична помош за пензионерите, зголемен број на финансиски средства за помош на социјално-загрозени семејства и средства за културни и спортски настани.
Во овој буџет предвиени се нула средства за репрезентација, патни трошоци, како и непродуктивни трошоци. Парите на граѓаните, посочуваат од општината, ќе се користат исклучиво за нивни потреби. - 2025 година ќе биде година на развој, на многу нови значајни проекти во сите населени места. Општина Бутел продолжува да се развива во модерна, стабилна и просперитетна општина, стои во соопштението. аа/дма/
Фото: Фејсбук профил на Дарко Костовски