• сабота, 23 ноември 2024

Изгаснат пожарот во Ново Село, изгореа три плевни и две куќи

Изгаснат пожарот во Ново Село, изгореа три плевни и две куќи

Ново Село, 24 јули 2024 (МИА)-Во пожарот, што избувна попладнево околу 16 часот во струмичко Ново Село, изгореа три плевни и две куќи, а повредени и загинати нема. Пожарот е изгаснат окоу 19 часот со интервенција на 20 пожарникари и шест против - пожарни возила, како и со дејствување на еден хеликоптер на МВР.

Од МВР соопштија дека по добиениот повик за гасење на пожар во Ново Село, хеликоптер Бел 412 од Одделот за воздухопловни единици при Министерството во 15 циклуси исфрли 22 тони вода, со што пожарот е изгасен.

Според информациите од Алекснадар Гудев, командир на ТППЕ Струмица, причинета е голема материјална штета, а во расчистувањето на остатоците од пожарот е вклучен и еден багер.

На местото на пожарот е и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој во разговор со граѓаните, чии објекти беа зафатени од пожарот, беше информиран дека пожарот се појавил одеднаш.

Според Сандо Николов, причина за пожарот е спој на каблите кои пренесуваат струја од бандера на бандера и според него, но и други жители, и порано се случувало да се случуваат такви инциденти.

-Дуваше ветер и искрата дојде од каблите кои поминуваат тука и веднаш заврши во мојата плевна. Ова се случува веќе трет пат. Успеав да го извадам коњот и притоа ми помогнаа мои другари. Ми изгореа околу 200 бали сено, изјави Николов.

Според Ангелов, на местото на пожарот ќе дојдат вешти лица од МВР за да ја утврдат причината за овој пожар. рт/вг/

Фото: ЦУК

Видео: МВР

Остани поврзан