• вторник, 24 декември 2024

Извештај на Хелсиншки комитет: Говор на омраза во предизборие, работничката криза повеќе ги погоди работничките

Извештај на Хелсиншки комитет: Говор на омраза во предизборие, работничката криза повеќе ги погоди работничките
Скопје, 7 јули 2020 (МИА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави извештајот за јуни во кој дава осврт на општествено-политичкиот контекст во земјава, при што нотира дека кризата несразмерно повеќе ги погоди работничките, Владата мора да обезбеди континуирана заштита на текстилните работнички за време на пандемијата. Се регистрира говор на омраза во предизборие, како и зачестени инциденти од омраза мотивирани од политичка припадност. -Од почетокот на кризата во март 2020 година, Хелсиншкиот комитет редовно спроведува мониторинг на мерките на Владата, особено во контекст на почитување на темелните права во рамки на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Имајќи го предвид горенаведеното и следејќи го развојот на настаните, Хелсиншкиот комитет во својот извештај за јуни особено дава осврт на спроведувањето на мерките и нивното директно влијание врз граѓаните. Слично како и за изминатите месеци и согласно со утврдениот тренд, вниманието треба да се насочи кон справување со социо-економската криза како резултат на пандемијата – заштита на маргинализираните заедници, соодветна имплементација на мерките, соодветен надзор и примена, се наведува во Извештајот. Овој месец се забележува повторно зголемување на говорот на омраза на социјалните медиуми што, како што се наведува, е директен резултат околу релаксирањето на заштитните мерки и укинувањето на полицискиот час, непочитување на мерките на Владата од страна на дел од религиските лидери, како и зголемување на бројот на случаите со Ковид-19 кон крајот на месецот. Се посочува во текот на месецот се забележа енормно зголемување на новозаболени граѓани со Ковид-19 што предизвика негативен дискурс кој воедно доби и етнички карактер како резултат на бројот на заболени по општини. -Во јуни, четвртиот месец како се справуваме со здравствената криза предизвикана од коронавирусот и последиците кои произлегоа од тоа, регистриравме 30 пријави за прекршувања на работничките права и една пријава од работодавач. Случаите во најголем број се однесуваа на неисплаќање и/или намалување на платите на работнички кои биле ослободени од работните обврски согласно со владините мерки, како и на непреземањето соодветни чекори за заштита на работниците, се посочува во Извештајот на ХК. ХК ја поздравува реакцијата на Државниот инспекторат за труд кој утврди прекршување на работничките права во претходно објаснетиот случај со работничките, и смета дека е позитивен исчекор кон заштита на работниците во овој несигурен и тежок период. Државниот инспекторат за труд, сепак, потфрлува во искористувањето на својата надлежност да ги повика на одговорност сите работодавачи кои ги загрозуваат работничките животи, за сметка на профитот, стои во Извештајот. -Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагираше на најавите дека повеќе текстилни фабрики во Штип ќе работат за време на полицискиот час во викендот на 6 и 7 јуни.  Согласно со добиените информации од терен, текстилните фабрики во пресрет на полицискиот час имале извадено или биле во процес на вадење дозволи за работа, а работодавачите им најавиле на своите вработени дека ќе работат за време на полицискиот час, се наведува во документот. Слично како за април и мај 2020 година, ХК продолжи да евидентира голем број пријави за говор на омраза на социјалните медиуми, што резултира со вкупно 105 верификувани пријави за месец јуни. Најголем број од случаите, како што стои во извештајот, кои беа регистрирани во јуни се однесуваа на ситуацијата со пандемијата со Ковид-19 и одлуката за одржување на предвремените парламентарни избори на 15 јули. -Реакциите на социјалните медиуми се должат на драстичниот пораст на новозаболени лица со Ковид-19 од почетокот на месецот, кои добивајќи  и етнички предзнак предизвикаа зголемен говор на омраза на социјалните медиуми. Слично како и за мај и април, најголемиот број пријави се регистрирани по последниот карантин поврзан со христијанскиот празник Духовден (неделата од 16 до 19 јуни). Слично како и во јуни минатата година, кога се одржа првата Парада на гордоста во Северна Македонија, во последните три дена од месецот Хелсиншкиот комитет за човекови права утврди зголемен тренд на говор на омраза по основ на сексуална ориентација и родов идентитет  по повод серијата настани поврзани со одбележувањето на Месецот на гордоста, пишува во Извештајот. Според анализата на ХК, големиот број пријави за говор на омраза во овие две категории дополнително се должи на вжештената политичка ситуација во државата во контекст на одржување на предвремените парламентарни избори. Дополнително, кон ова придонесе и изјавата на лидерот на ДУИ дека е време за албански премиер во земјава. Од анализата на досегашните трендови, Хелсиншкиот комитет предупредува за зголемување на говорот на омраза на социјалните медиуми во тек на предизборна кампања и ги повикува надлежните институции да покажат проактивност во санкционирањето на овој феномен. -Во јуни 2020 година се регистрирани десет инциденти од омраза. Од вкупниот број регистрирани инциденти за овој месец, повеќе од половина, шест, се со индиции дека се сторени поради етничката припадност на жртвата, додека пак два инцидента се сторени поради националноста/државјанството на жртвата. Во јуни продолжува трендот од претходните месеци на зачестени инциденти од омраза со политички мотив. Имено, овој месец се регистрирани два инцидента мотивирани од политичка припадност. Хелсиншкиот комитет заклучува дека во последните три месеци има регистрирано вкупно пет инциденти од омраза мотивирани од политичка припадност, упатувајќи на трендот од претходните години на појава на вакви инциденти за времетраење на предизборието. Овие инциденти се најчесто оштетување на имотот (кршење на партиски штабови и слично) и загрозување на сигурноста преку онлајн-закани упатени кон политичари и симпатизери на партиите. нд/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан