• сабота, 23 ноември 2024

Извештај на ЕК: Нема напредок во превенцијата и борбата против корупција и ограничен напредок во зајакнување на судската независност

Извештај на ЕК: Нема напредок во превенцијата и борбата против корупција и ограничен напредок во зајакнување на судската независност

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) – Генерално земјава има ограничен напредок во зајакнување на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита основните права. Нивото на подготвеност за спроведување на европското законодавство и европските стандарди од Поглавјето 23 – судство и основни права е помеѓу одредено и умерено, се вели во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во 2024 година.

Најавите на новата влада за „распуштање“ на Судскиот и Обвинителскиот совет, ЕК во Извештајот ги оценува со сериозна загриженост, бидејќи би ја поткопале независноста на судството и препорачува зајакнување на Судскиот совет преку ревидирање на законодавната рамка и нејзината севкупна функционалност во согласност со препораките на Оценската мисија.

Северна Македонија нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата и корупција останува распространета во многу области и е прашање на сериозна загриженост. За да се подобрат перформансите на ДКСК, Јавното обвинителство, истражните центри и единиците за спроведување на законот, ЕК оценува дека треба да добијат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка.

Измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, ЕК оценува дека ја ослабнаа правната рамка негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, порачувајќи дека земјава во следната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.

Во Извештајот се оценува дека целокупната ситуација во затворите останува страшна и дека државата следната година особено треба се справи со ужасните услови во затворите и да продолжи со напорите за промовирање на алтернативни казни затвор и спроведување на соодветните препораки за условите во притвор.

Функционирање на судството 

Судскиот систем на Северна Македонија има одредено и умерено ниво на подготвеност и е постигнат ограничен напредок во функционирањето на судството, покажува Извештајот за напредокот на земјава за 2024. 

Се посочува дека земјава усвои нова Стратегија за реформи во правосудството (2024-2028) и патоказ за Поглавјето 23, како и дека е започнато со спроведување на препораките на Оценската мисија за работата на Судскиот совет од 2023 година. 

-  Најавите на новата влада за „распуштање“ на Судскиот и Обвинителскиот совет се сериозна загриженост, бидејќи таквите дејствија би ја поткопале независноста на судството. Зголемениот дефицит во човечки ресурси во судството предизвикува загриженост за влијание врз квалитетот и ефикасноста на правдата, оценува ЕК во Извештајот.

Препораките на Комисијата од минатата година се само делумно имплементирани и се уште се валидни во голема мера. Според ЕК, земјава во наредната година треба: 

→ да донесе нов Закон за парнична постапка, согласно европските стандарди и да започне спроведување на новата Стратегија за реформи во правосудството; 

→ да го зајакне Судскиот совет преку ревидирање на законодавната рамка и нејзината севкупна функционалност за да ја подобри транспарентноста и независноста, во согласност со препораките на Оценската мисија од 2023 година и да се забрза имплементацијата на стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството; 

→ да се осигура дека АКМИС системот за управување со судски случаи е целосно функционален и компатибилен со степенот на сложеност на судските предмети и методот за оценување судии и претседатели на судови.

Борба против корупција 

Северна Македонија нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата и има меѓу одредено и умерено ниво на подготовка. Корупција останува распространета во многу области и е прашање на сериозна загриженост. Актуелната Влада изјави дека борбата против корупцијата е приоритет.

Институционалната рамка за борба против корупцијата е поставена и е задоволителна во поглед на превентивни мерки, сепак ЕК оценува дека е потребно подобрување на спроведувањето на законот. 

Новиот состав на Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) го започна својот мандат на 8 февруари годинава и клучно е да дејствува со највисоко ниво на професионализам, интегритет и независност. 

-Треба да продолжи проактивно да обезбедува насоки за носење политики за спречување на корупцијата и да работа на инклузивен и транспарентен начин. Нејзините препораки треба ефективно да се следат. За да се подобрат перформансите на ДКСК, Јавното обвинителство, истражните центри и единиците за спроведување на законот сите треба да добијат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка. Стратешки документи се усвоени и правната рамка за борба против корупцијата е донесена, но треба да се подобри, како во однос на превентивните мерки, така и во однос на спроведувањето на законот, се вели во Извештајот на ЕК.

Препораките на Комисијата од минатата година не се целосно имплементирани и се уште се валидни. Според ЕК, земјава во наредната година особено треба: 

→ да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди. Да го подобри своето досие на случаите на висока корупција – со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, гонење, конечни пресуди и враќање на средствата, вклучувајќи конфискација на криминални средства, конфискација базирана на вредност, продолжена конфискација и конфискација од трето лице; 

→ да се подобри имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупцијата и конфликтот на интереси и препораките на ГРЕКО, особено за системот санкции за прекршување на судир на интереси, интегритет и антикорупциски правила; 

→ да распредели доволно човечки и финансиски ресурси, вклучително и финансиски експерти, на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за да обезбеди ефективна одговорност во случаи на корупција на високо ниво; а до Државната комисија за спречувањето на корупцијата за подобрување на верификацијата на анкетните листови и на надзор над финансирањето на изборната кампања.

Основни права

Правната рамка за заштита на основните права е делумно усогласена со европското законодавство и европските стандарди и ЕК во Извештајот оценува дека земјата продолжува да ги исполнува своите општи обврски од полето на основните права, но законодавството треба да се спроведува на систематски начин. 

-Во ноември 2023 година, Собранието ги именуваше Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХЦЧП) да служат како механизам за граѓанска контрола во канцеларијата на Народниот правобранител. Собранието избра нови членови во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и ги пополни испразнетите позиции. Не е постигнат напредок во однос на заштитата на лични податоци. Целокупната ситуација во затворите останува страшна, иако инфраструктурата беше реновирана и подобрена во неколку затворски објекти, се вели во Извештајот на ЕК.

Препораките на Комисијата од минатата година се само делумно адресирани и затоа остануваат валидни. Според ЕК земјата во наредната година треба особено: 

→ да се справи со ужасните услови во затворите и да продолжи со напорите за промовирање на алтернативни казни затвор и спроведување на соодветните препораки за условите на притвор, направени од национални и меѓународни институции, особено од Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување; 

→ да додели потребни ресурси за Канцеларијата на Народниот правобранител и за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за да им се овозможи да ги исполнат своите мандати; 

→ да обезбеди соодветна поддршка на ранливите категории на деца, особено на децата жртви на насилство, децата Роми и децата со пречки во развојот.

Европската комисија вчера го објави „Пакетот за проширување“ за 2024 година, кој вклучува и Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат. Копии од Извештајот, шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, евроамбасадорот Михалис Рокас вчера попладне им врачи на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на претседателот на Собранието Африм Гаши и на премиерот Христијан Мицкоски, кој беше придружуван од министерот за европски прашања Орхан Муртезани, а денеска копија треба да и предаде и на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. аа/ац/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан