• среда, 27 ноември 2024

Извештај: Во регионов, во Србија има најмногу, а во Северна Македонија најмалку жени - професионални војници

Извештај: Во регионов, во Србија има најмногу, а во Северна Македонија најмалку жени - професионални војници

Белград, 12 април 2024 (МИА) - Од армиите на земјите од поранешна Југославија и Албанија, најголем број жени меѓу професионалните војници работат во Војската на Србија, и сочинуваат вкупно 18 отсто од активните сили, објави денеска порталот Балканска безбедносна мрежа.

Како што се наведува во извештајот насловен „Жените во безбедносниот систем 2024“, кој го подготви Balkan Defense Monitor, на второ место по бројот на жени професионални војници во регионот е Црна Гора со 16 отсто, додека на трето место е Хрватска со 14 проценти од жените во армијата. Во извештајот се нагласува дека Хрватска е единствената земја која не посочила дали тоа се однесува на бројот на професионални војници или на бројот на жените во вооружените сили воопшто, без разлика на чин или статус.

Во вооружените сили на Босна и Херцеговина (БиХ), жените сочинуваат 12 отсто од професионалните војници, додека во Албанија тој удел е 11 отсто. Армијата на Северна Македонија има најмалку жени професионални војници - близу шест проценти.

Иако воената служба во Србија е многу привлечна за жените, тие не се соодветно застапени во сите сегменти на армијата. Така, во Србија 12 отсто од офицерите се жени, додека нивниот број во подофицерскиот кор е само четири отсто.

Од друга страна, Албанија има најголем број жени подофицери и офицери во целиот регион. Жените во таа земја сочинуваат 21 отсто од офицерскиот кор и 13,5 отсто од подофицерскиот кор, а Албанија е единствената во регионот што го постигнала НАТО стандардот од 15 отсто жени во вкупниот број на вооружени сили.

Од 2018 година, највисокиот чин од сите жени во таа армија го има Манушаке Шеха, која како генерал-мајор е и првата жена заменик-началник на Генералштабот на Армијата на Албанија.

Вооружените сили на Босна и Херцеговина имаат осум отсто жени офицери и шест отсто жени подофицери, но позитивно поместување во насока на еманципација на понежниот пол е забележано минатата година кога првата жена пилот го заврши своето образование. Во прашање е поручник Драженка Паниќ, која образованието го завршила во Грција како најдобра во класата на странци и која ќе лета со хеликоптерот Газел.

Како што пренесува Бирн, Хрватска доставила збирни податоци според кои 14 отсто од вооружените сили се жени, без да прецизира колку во кој сегмент се. Но, познато е дека во последната генерација на дипломирани студенти на Воената академија, од 71 питомци, 22 биле жени. Од вкупниот број 417 студенти на Воената академија во Хрватска, 93 во моментов се жени.

Црна Гора има висок број на жени офицери - дури 17 проценти. Од друга страна, само шест отсто од подофицерите се жени во таа земја. Досега во Црна Гора ниту една жена не добила повисок чин од мајор, што не треба да чуди бидејќи се работи за армија со најмалку формациски места во регионот.

И Армијата на Северна Македонија има многу висок број на жени во офицерскиот кор - 20 проценти. Кај подофицерите има 13 проценти жени, а од вкупно 35 питомци примени на Воената академија, 14 од нив се девојки. Меѓутоа, како што се посочува во извештајот, проблемот во македонската војска е несоодветната етничка, а не родова застапеност во вооружените сили. Имено, некои критичари наведуваат дека бројот на Албанки во Армијата на Северна Македонија не ја отсликува целосно структурата на тоа општество, бидејќи само 1,6 отсто од инаку малиот број професионални војници се припаднички на албанската национална заедница.

Одредени етнички и верски проблеми постојат и во вооружените сили на Босна и Херцеговина, каде до неодамна на околу 270 Бошњачки им беше забрането да носат хиџаб кога се во униформа.

Откако професионалниот војник Емела Мујановиќ ги тужеше вооружените сили за дискриминација, министерот за одбрана Зукан Хелез предложи на жените-вернички во армијата да им се дозволи да носат шамии кои ќе бидат „од ист материјал и боја како униформата“. ссм/

фото: Фејсбук страна на АРМ

 

Остани поврзан