• понеделник, 23 декември 2024

Извештајот од германските експерти за воведување уставна жалба во Северна Македонија ќе се промовира на регионална конференција во ноември

Извештајот од германските експерти за воведување уставна жалба во Северна Македонија ќе се промовира на регионална конференција во ноември

Скопје, 31 август 2023 (МИА) - Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска остварила онлајн средба со претставници на германската фондација за правна соработка (ИРЗ) на чело со Штефан Пирнер, раководител на проектна област, експерти за уставно право од Сојузна Република Германија и претставници на амбасадата на СР Германија во Република Северна Македонија.

На оваа работна средба, соопштија од Уставниот суд, претставниците на ИРЗ ги презентирале досегашните активности од проектот што се спроведува со цел промоција на уставната жалба како средство за заштита на слободите и правата на граѓаните во Република Северна Македонија. 

Претставниците од ИРЗ, се наведува во соопштението, информирале дека завршниот извештај со наслов „Сеопфатна и ефикасна уставна жалба како средство за зголемување на правната заштита на граѓаните“ е изготвен во нацрт-верзија, а конечната верзија ќе биде претставена на регионална конференција што треба да се одржи на крајот од ноември оваа година во заедничка организација на Уставниот суд и ИРЗ.

- Заедничка констатација беше дека еден ваков регионален настан ќе биде од огромно значење и важност со оглед на тоа дека претставува можност за промоција на воведувањето на уставната жалба во Република Северна Македонија. Исто така, овој настан ќе биде одлична можност за претставници од уставни судови од други држави, професори по уставно право, претставници од граѓанскиот сектор да ги изнесат своите ставови во врска со воведувањето и значењето на уставната жалба, информираат од Уставен.

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска го нагласила значењето на целокупната досегашна соработка со фондацијата, а особено сегашниот ангажман во делот на промоција на воведувањето на уставната жалба во Република Северна Македонија. 

Таа изнела ставови и информации по однос на можните идни нормативни решенија кои би го замениле постојниот Деловник на Уставниот суд донесен во 1992 година и како да се уреди постапката за заштита на слободите и правата пред Судот. цр/аа/

Фото:Уставен суд

 

Остани поврзан