Извештајот на ЕК нотира напредок на земјата во повеќе области, за власта патоказ за натамошно спроведување на реформите
- Европската Комисија во најновиот Извештај за земјата за 2022 година оцени дека Северна Македонија бележи издржан напредок, а годинава беше важна поради отпочнувањето на преговарачкиот процес

-Северна Македонија го отпочна преговарачкиот процес со првата политичка меѓувладина конференција што одамна требаше да се случи, ова е пробив за земјата, Северна Македонија покажа одлучност и издржан напредок, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој ги презентираше вчера извештаите за земјите од Западен Балкан и Турција пред Европскиот парламент.
Еврокомесарот забележа дека е важно земјата да го задржи реформското темпо и да го искористи процесот на скрининг, за да го искористи својот потенција за забрзување на реформите. Според него, потребни се дополнителни напори во областа на јавната администрација.

Извештајот го поздравува целосното усогласување на Северна Македонија со надворешната политика на ЕУ, посебно во однос на Украина.
-Со ова земјата ја покажа својата одлучност да напредува на својот ЕУ пат, изјави Вархеји.
На прес-конференцијата која следеше по презентацијата на извештаите, еврокомесарот одговори и на прашање за најлошата оценка во извештајот за Северна Македонија, а тоа е слободата на изразување и на медиуми, каде Европската Комисија го критикува отсуството на реформите во МРТВ. Таа смета дека напредокот во областа на слободата на изразување е ограничен, а недостигот на медиумска саморегулација има негативни последици врз професионалните стандарди во новинарството
-За слободата на изразување бараме да се донесат законските реформи кои се на маса веќе неколку години. Се надевам дека конечно опозицијата и Владата ќе најдат начин да се договорат во Собранието за овие реформи, рече евокомесарот Вархеји.
По најавите дека претседателот Стево Пендаровски побарал од Европската Комисија да и помогне на Северна Македонија да надомести за цената на електрична енергија од Бугарија, еврокомесарот одговори дека е запознаен со барањето и дека се работи на “поширок пакет за спас“ за целиот Балкан, кој би требало да го презентираат на лидерите во ноември на самитот на Берлинскиот процес.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, вчера им предаде копии од Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година на претседателот Стево Пендаровски, на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери. А денеска заедничка прес-конференција ќе одржи со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
Пендаровски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, го истакнал особеното значење на овој извештај, бидејќи е прв по почетокот на пристапните преговори со ЕУ и почетокот на скринингот. Оценил дека извештајот дава детална слика за состојбите во општеството, но и дека претставува и патоказ за натамошната работа на институциите и областите во кои ќе треба да се посвети поголемо внимание.-Пристапниот процес, налага сите капацитети да бидат насочени кон реализација на потребните реформи и во тој контекст посочи на потребата сите општествени чинители да го дадат својот придонес во овој процес, смета претседателот Пендаровски,
Воедно, Пендаровски порачал дека отворањето на преговорите со Северна Македонија е добра можност Европската Унија да ја демонстрира својата посветеност кон интеграцијата на земјите од Западен Балкан, како најдобар одговор на растечкиот евроскептицизам во регионот.
Евроамбасадорот Гир на средбата со претедателот на Собранието Џафери на која присуствувале и координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ДУИ, Арбер Адеми, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пратеникот на Алијанса за Албанците, Атнан Незири и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, посебно го потенцирал делот на Извештајот за Собранието.


Во делот на регионалната соработка, земјата одржува добри билатерални односи со другите земји од регионот и продолжува да се ангажира во регионалните иницијативи, ги посочува Османи оценките во Извештајот во делот на надворешната политика на земјава.
