• вторник, 24 декември 2024

Известување за притисок врз скопското вишо јавно обвинителството доставено до Советот на јавни обвинители

Известување за притисок врз скопското вишо јавно обвинителството доставено до Советот на јавни обвинители

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, денека изјави дека е примено известување од Вишото јавно обвинителство Скопје дека се врши притисок врз работата на обвинителството. 

- Известувањето е доставено од страна на вишиот обвинител, сите понатамошни постапувања и преземени дејствија, ќе бидат споделени. Во однос на содржината, не можам да ја споделам пред да се запознаат членовите, рече таа. 

По денешната седница, таа, исто така, информираше дека републичкиот обвинител Љупчо Коцевски ги информирал членовите на Советот дека ја проверува работата на сите четири виши обвинителства.

Коцевски претходно преку соопштение ги отфрли тврдењата на шефот на вишото скопско обвинителство Мустафа Хајрулахи за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје.

Тој изјави дека има обврска, првпат после повеќе од четири години, да изврши надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје поради информации и пресуди од Врховниот суд кои укажуваат на можно нестручно работење и пријави за закани и притисоци кон вработени во обвинителството.

До крајот на месецот, контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. Коцевски очекува нападите кон него да продолжат со уште поголем интензитет, особено од лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон. ар/нд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан