• среда, 25 декември 2024

Избран националниот претставник на Венециското биенале за архитектурата 2023

Избран националниот претставник на Венециското биенале за архитектурата 2023
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - Проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“, на авторите: Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски, е национален претставник на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2023 година, што ќе се одржи од 20 мај до 26 ноември следната година. Како што информираа денеска од Министерството за култура, апликацијата e доставена од Здружението за истражување на градот „Градот убав Скопје“, a комесар е Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија. Проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“ е единствениот доставен проект на објавениот Конкурс за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Република Северна Македонија на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2023 година. Според образложението на Комисијата, станува збор за проект кој е професионално конципиран и аргументиран со лесно читлива архитектонска порака и ги одразува квалитативните параметри дадени во Конкурсот. Реализацијата на проектот, пак, нуди можност за интеракција и можност посетителот одблизу да го осознае проектот, а во исто време да е дел од него. Проектот кореспондира со зададената тема на Биеналето, доловувајќи една симболична претстава на стилизираната реконструкција на чардакот на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, како асоцијација за работилницата, односно лабораторија во која преку минатото ќе може да се создава иднината. Во деталното образложение за проектот, како што истакнуваат авторите, стои дека препознавањето на лабораторијата, односно работилницата во дејствувањето на Летната школа за архитектура во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ 1992 – 2017 година, низ годините успеала да ги прошири границите на архитектурата во теоретска и практична смисла. Со фундаменталните прашања што ги отвора како теми на различните сесии и притоа влијае врз геополитичките трендови и наместо да раздвојува - обединува, поврзувајќи ги различните луѓе, од различните заднини во заедничко дело. На тој начин, Летната школа за архитектура, освен архитектонски, педагошки и естетски карактер, наметнува и еден социјален, културолошки и етички став кон светот. Венециското биенале за архитектура во 2023 година ќе се одржи во Џардини, во Арсенале и на различни локации низ Венеција. Темата е „Лабораторијата на иднината“, а кураторка е Лесли Локо – реномиран архитект, академик, едукатор и романсиер – која во најавата за оваа светски реномирана манифестација нагласува дека „архитектите имаат единствена можност да изнесат амбициозни и креативни идеи кои ни помагаат да замислиме заедничка поправедна и оптимистичка иднина“. Лесли Локо е основачка на Институтот за иднината на Африка (АФИ), формиран во Акра, Гана, во 2020 година. Во 2015 година го основала Факултетот за архитектура во Јоханесбург. Предавала во Обединетото Кралство, САД, како и во повеќе држави во Европа, Австралија и во Африка. Добитничка е на голем број награди за придонес во едукацијата за архитектурата. дма/сп/

Остани поврзан