• сабота, 23 ноември 2024

Избрани новите министри - Лога за правда, Меџити за здравство, Алиу за информатичко општество и Шукова за животна средина

Избрани новите министри - Лога за правда, Меџити за здравство, Алиу за информатичко општество и Шукова за животна средина

Скопје, 27 февруари 2023 (МИА) - Собранието вечерва ги избра четирите нови министри во Владата - Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, како и Каја Шукова за животна средина и просторно планирање.

Лога, Меџити и Алиу се од редовите на Алијанса за Албанците, додека Шукова е предложена од СДСМ. Лога доаѓа на местото на Никола Тупанчевски, ресор со кој досега раководеше СДСМ, Меџити на местото на Беким Сали од Алтернатива, а Алиу на местото на Адмирим Алити, исто така од Алтернатива. Шукова, пак, ќе го замени Насер Нуредини од ДУИ.

По денешната попладневна дебата која главно се сведе на партиски препукувања меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата, како и на две паузи, за Лога гласаа 65 пратеници, за Меџити 64, за Алиу 65 и за Шукова 65. За ниту еден од министрите немаше глас против, ниту воздржан.

Министрите по гласањето дадоа свечена изјава.

Лога е роден е во Струга 1984 година. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа, каде стекнал магистратура по дипломатија. Има положено и правосуден испит. Освен албанскиот мајчин јазик, зборува и македонски, англиски и италијански јазик. Член е на Државната изборна комисија и зад себе има повеќе функции на државно и локално ниво.

Меџити по професија е специјалист-невролог во ЈЗУ УК за Неврологија Скопје, каде што работи од 2011 година. Специјализирал неврологија на Медицинскиот факултет во Скопје во 2015 година. Претходно работел како лекар по општа медицина во приватна пракса и во Општата болница „Ферид Мурат“ во Гостивар. Се здобил со лиценца за лекар од Лекарската комора на Македонија во 2000 година. Студирал и на Медицинскиот факултет во Сараево во 1993-1999 година.

Алиу е роден во Гостивар во 1976 година. Дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје,  каде се стекнува со магистратура, а потоа и докторирал информатички науки на Природно-математичкиот факултет при УКИМ. Зборува македонски, албански и англиски јазик. Работел како професор во гимназијата „Панче Поповски“ во Гостивар, од каде ја продолжува кариерата на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, каде бил асистент, продекан за наука, вонреден професор, потпретседател на Управен одбор, а од 2020 година е редовен професор.

Шукова е родена во Скопје на 1 јануари 1970 година. Дипломирала на Технолошко-металрушкиот факултет во Скопје во 1995 година. Од 2020 година е државен секретар на Министерството за животна средина и просторно планирање  (МЖСПП) каде била на повеќе функции, почнувајќи од 1999 година. Активно го познава англискиот јазик, а пасивно германскиот. Има клучни квалификации во управување и планирање на животната средина, а учествувала и во подготовка на законски акти во областа на животна средина и нивна хармонизација со барањата на Европската унија, како и во процесот на скрининг и преговори со ЕУ. Била член на повеќе работни групи.

По изборот на четворицата министри, во рамки на 104. седница треба да поминат и разрешувањата на заменик-министрите во ресорите: одбрана, земјоделство и образование, како и изборот на нивните наследници. Разрешени треба да бидат заменик–министрите за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу, а наместо нив, на овие функции, според владиниот предлог, треба да бидат назначени Тирон Јајага за одбрана, Вјолца Бериша за земјоделство и Агим Нухиу за образование и наука. Именувани треба да бидат и Викторија Аврамовска-Матиќ за заменик-министер за правда, како и Маја Манолева за заменик-министер за здравство.

Сто и четвртата седница за реконструкција на Владата почна на 13 февруари. мч/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан