• среда, 27 ноември 2024

ИЗБОРИ 2024: Професионално, непристрасно и избалансирано

ИЗБОРИ 2024: Професионално, непристрасно и избалансирано

Скопје, 17 април 2024 (МИА) – Медиумската информативна агенција - МИА во текот на изборната кампања за претседателските и парламентарните избори ќе работи врз основа на програмските начела - професионално, непристрасно, избалансирано и во согласност со Новинарскиот кодекс.

МИА за изборните активности на учесниците во изборите ќе известува на македонски и на албански јазик.

МИА во рамки на своите можности и во согласност со професионалните новинарски стандарди и уредувачка политика, ќе известува со текст, фотографии и видео за активностите на кандидатите за претседател, кандидатите за пратеници, политичките партии и коалициите што ќе учествуваат во изборната кампања врз основа на претседателските кандидати и кандидатските листи што ги утврди Државната изборна комисија.

МИА континуирано ќе ја следи и ќе известува за работата на ДИК.

МИА ќе ги објави сите изборни листи, како и одлуките на Управниот суд поврзани со изборните активности.

МИА ќе ги претстави програмите на кандидатите за претседател, на политичките партии и коалициите. Поопширно со текст, фотографии и видео ќе информира за почетните и завршните активности на учесниците на изборите. Другите активности на учесниците на изборите МИА ќе ги следи во согласност со професионалните агенциски стандарди.

МИА при информирањето за изборните активности ќе води сметка дали државните претставници настапуваат во име на институциите што ги претставуваат или во име на својата партија. Ако во кампањата понекогаш надвладеат политичките страсти и има неодмерени изјави, известувањето на МИА ќе биде професионално и на ниво на прифатливост.

МИА ќе објавува изборни прогнози и анкети за јавното мислење во кои е јасно набележано кој ги нарачал, кој ги спровел, колкав е примерокот, дали е телефонско или теренско анкетирање и колкава е можната грешка на примерокот. Анкети без методолошки ознаки и без репрезентативен примерок нема да бидат земени предвид. Согласно со законските прописи, анкети ќе бидат објавувани најдоцна пет дена пред денот на гласањето.

МИА на денот на изборите ќе ги објавува изјавите на државните претставници и на партиските лидери, со ознака за медиумите - ЕМБАРГО ЗА ОБЈАВУВАЊЕ ДО 19 ЧАСОТ.

Најважните вести за изборните активности и изборните резултати ќе бидат пренесувани и во англискиот сервис на МИА. миа/

Остани поврзан