• сабота, 23 ноември 2024

ИЗБОРИ 2024/ Адеми: Од сите политички партии очекуваме позитивно да одговараат на идејата претседателот на државата да се бира во Собрание

ИЗБОРИ 2024/ Адеми: Од сите политички партии очекуваме позитивно да одговараат на идејата претседателот на државата да се бира во Собрание

Скопје, 24 февруари 2024 (МИА) - Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција, Арбр Адеми на денешната прес-конференција рече дека од сите политички партии очекува позитивно да одговараат на нивната идеја претседателот на државата да се бира во Собранието.

-Ако пристапиме рационално кон ова прашање, имајќи ги предвид сите ризици и тешкотии за реализирање на успешен претседателски изборен циклус, разумно сите политички партии би требало да се согласат со ова – да биде избран претседателот во Собрание и тоа не би било никаква уцена и пречка во реализирање и на тоа што следи како обврска во нашиот евро-интегративен пат. Цениме дека разумно и рационално ќе пристапуваат сите политички партии. Кога ќе се отвори Уставот, треба да дадеме одговор и за начинот на избор на претседател во Собрание, а тоа е најдобро да се реализира поради визијата на Али Ахмети, рече Адеми.

Адеми посочи примери дека и во Албанија и во Косово се избира шеф на државата во Собранието, иако, како што рече, претседателот во овие земји има поголеми надлежности.

- Имајќи предвид дека личноста на претседателот треба да биде обединувачка и кај нас како хетерогено општество, цениме дека со двотретинско мнозинство и Бадентерово мнозинство, ќе се обезбеди тоа обединување што треба да го отсликува претседателот на државата, а граѓаните ќе бидат поштедени од милионските буџетски средства што ќе се потрошат за претседателските избори, рече Адеми.

Во однос на собирањето потписи за нивниот претседателски кандидат Бујар Османи, Адеми соопшти дека до вчера попладне собрани се околу четири илјади потписи. фф/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан