• понеделник, 23 декември 2024

ИДУЕП: Иницијатива за брза дигитална исплата на финансиската помош за граѓаните

ИДУЕП: Иницијатива за брза дигитална исплата на финансиската помош за граѓаните
Скопје, 11 март 2022 (МИА) - Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) до општествено политичките чинители испрати предлог за воедначување на иницијативите за финансиска поддршка на граѓаните во услови на криза, односно стимулативни мерки за финансиска поддршка за одредени групи на граѓани. Како што се наведува во соопштението, целта на предлогот не е да се занимава или меша во сегашните или идни типови на предлози за финансиска поддршка за граѓаните во услови на криза кои доаѓаат од власта, опозицијата или од други општествени чинители, туку да даде предлог со цел дополнителни можности за граѓаните, како и стратешки придобивки за државата во целина. ИДУЕП предлага актуелните и сите други типови финансиска помош во себе да содржат и дигитална компонента. -На пример, наместо ценовно да се менува акцизата за гориво на бензинските пумпи, истиот износ да се враќа на трансакциските сметки на секој граѓанин и граѓанка, наместо директно да се менуваат цените на прехранбените производи во маркетите, износот за кој е предвидено да се намалат да се префрла на трансакциските сметки на секој човек. Сметаме дека ова може да се спроведе преку брзо ажурирање на мобилната апликација „Мој ДДВ“, наведува ИДУЕП. Според Институтот, на тој начин се придонесува за враќање на довербата во институциите, се стимулираат нови корисници на мобилната дигитална апликација „Мој ДДВ“ и се проширува опфатот на нејзините услуги за граѓаните, се избегнуваат стандардните конфликти и стереотипи на релација држава - сопственици - граѓани или јавен - приватен - граѓански сектор, се покажува на дело што значи дигитализација или дигитална трансформација и колку е тоа поволно за секој, а ќе се намали и повратот на финансиски средства на неделно ниво. -Потсетуваме дека според сите релевантни меѓународни анализи, воведувањето дигитализација драстично, па некаде дури и целосно, ја сузбива корупцијата, а нуди и целосна транспарентност и отвореност на јавните институции. Намалувањето на корупцијата значи намалување и на сиромаштијата, ниските плати, бирократизацијата, но и повеќе можности и време за секоја индивидуа која наместо да го троши по шалтери и процедури, ќе може да го посвети на себе и своите блиски. Дополнително, нагласуваме дека со вложување во современи начини на функционирање на јавната управа на сите нивоа, како општество ќе ја јакнеме улогата и бројот на вработувања и преквалификации во ИКТ и сродните дејности, каде регистрираната просечна плата изнесува околу 74 илјади денари. Ова ќе биде голем стимул за мотивирање на младите да останат во земјава, па, дури и реално да се очекува дел од нив да почнат да размислуваат да се вратат во Македонија каде би изградиле своја кариера во овие дејности, оценува ИДУЕП. Како што истакнува Институтот, особено важно да се потенцира е дека дигитализацијата дава многу предности, но во никој случај не смее да дискриминира. -Мора да бидеме свесни дека за целосна дигитализација мора да бидеме сигурни дека секој човек има пристап до квалитетен интернет, дигитален уред поврзан на интернет, како и основни вештини во овој дел. Токму затоа, предлагаме и предвидување на можност за сите кои не сакат или немаат знаења или можност да користат ваква апликација да можат во рамки на својата општина, на локално ниво, лесно да пристапат и хартиено да поднесат барање за поврат на средства. Или, пак, доколку станува збор за ранливи групи, тоа да можат да го прават граѓанските организации во нивно име, подвлекува ИДУЕП. ИДУЕП и конкретно ги посочува придобивките од Иницијативата. -Се придонесува за враќање на довербата во институциите. Особено важно во време на криза кога граѓаните се во страв и паника од недостаток на ресурси, производи и слично. Со враќање на парите директно на сметките на граѓаните ќе се покаже и квантифицира конкретната помош која била вратена кон секоја личност од страна на заедничкиот државен буџет. Се стимулираат нови корисници на мобилната дигитална апликација „Мој ДДВ“ и се проширува опфатот на нејзините услуги за граѓаните. Оваа апликација е национална и треба да служи како основа за воведување на таканаречениот дигитален идентитет на граѓаните кој е неопходно да го воведеме како земја доколку сакаме да ги користиме предностите и можностите кои ги нуди дигитализацијата за секој наш граѓанин или граѓанка. Колку повеќе луѓе на оваа апликација, толку поблиску до дигитални услуги за граѓаните по естонски или друг напреден дигитален модел. Се избегнуваат и стандардните конфликти и стереотипи на релација држава – сопственици – граѓани или јавен – приватен – граѓански сектор. Ниту државните инспектори во ваков случај ќе треба да ги „чешлаат“ компаниите дали ги почитуваат цените, а ниту граѓаните и граѓанките ќе имаат причина да се чувствуваат изиграно од некого. Напротив, односот на секој човек ќе биде изграден со државниот буџет од каде редовно (на пример на неделно ниво) ќе се исплаќаат финансиските обврски кон граѓаните врз основа на потрошените средства, образложува Институтот. Дополнува и дека токму „ваквите кризи треба да бидат согледани и како можност уште отсега заеднички како општество да инвестираме во иднината на земјата и на секој човек, а не само да каскаме со носењето одлуки пропуштајќи да донесеме мерки кои долгорочно ќе го подобрат, збогатат и направат подостоинствен животот на сите“. -Ќе се намали повратот на финансиски средства на неделно ниво, што несомнено ќе го намали стравот од економската криза, ќе продуцира ефикасни институции насочени кон обезбедување на брзи услуги за граѓаните, но и ќе иницира посилна соработка помеѓу владините институции, централната и локалната власт, како и на релација власт – опозиција, граѓански со владин сектор... Ваквото поставување се очекува да предизвика и соработка помеѓу сите општествено политички чинители во носењето на мерките, ставање на експертската јавност во прв план за нивно обликување, потенцира ИДУЕП. мч/ац/

Остани поврзан