• четврток, 26 декември 2024

Иднината на Владата на единство на Драги треба да биде решена денеска

Иднината на Владата на единство на Драги треба да биде решена денеска
Рим, 20 јули 2022 (МИА) - Иднината на Владата на единство на италијанскиот премиер Марио Драги треба да биде решена денеска, откако минатата недела претседателот на Италија ја одби неговата оставка. Драги утрово ќе го извести Сенатот за политичката ситуација, а потоа ќе следува повеќечасовна расправа што би требало да заврши со гласање за доверба. Исто така, утре се очекува Драги да се појави во Долниот дом на Парламентот. Можно е Драги да продолжи со вршење на сегашната должност со мнозинство поддршка. Но, не се знае ниту дали Драги воопшто се надева дека ќе остане на премиерската функција. Доколку тој одлучи наместо тоа, да си поднесе оставка, претседателот Серџо Матарела би можел да го распушти Парламентот, што би предизвикало предвремени избори. Драги, партиски независен економист кој претходно беше на чело на Европската централна банка, води повеќепартиска влада на единство од февруари 2021 година. Сегашната владина криза е поттикната минатата недела кога членови на популистичкото Движење пет ѕвезди одбија да учествуваат во гласање за голем пакет помош. Владата на Драги сепак го доби потребното мнозинство без нив. Но, тој истакна дека потегот значи оти е нарушен коалицискиот „договор за доверба“. Во меѓувреме, популистичкото Движење пет ѕвезди, под водство на Џузепе Конте, го повика Драги да одговори на нивните политички барања. Не се знае како ќе гласа партијата денеска, пишуваат медиуми. бд/зш/

Остани поврзан