• четврток, 26 декември 2024

Ива Дамјановски добитник на наградата „Антево слово“ за 2021/2022

Ива Дамјановски добитник на наградата „Антево слово“ за 2021/2022
Скопје, 19 мај 2022 (МИА) - Ива Дамјановски за „Мојата песна се фрла од мостот“ е лауреат на поетскиот конкурс за необјавена песна „Антево слово“ за 2021/2022 година. Наградата е дел од Меѓународна поетска манифестација „Анџело ла Векија“ која се остварува во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст - Струмица“, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски. Втората награда на „Антево слово“ за 2021/2022 ја добија Елизабета Бандиловска за „Солзите на светот“ и Михајло Костадиновски за „Младост за перење“, третата награда им припадна на Љубинка Донева за „Птиците и гробиштата“ и Димче Шипинкаровски  за „Прочка“, а наградата за млад автор и е доделена на Мелани Иванова за „Порака за мир“. Ива Дамјановски е родена 1996 година во Скопје. Таа е дипломиран пијанист и моментално работи на своите магистерски студии на Libera Università di Bolzano на Катедрата за музикологија, како и на Катедрата за музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ – Скопје. До сега има издадено две збирки поезија, насловени „Тие“ и „Двоумење“, како и две научни статии од областа на музикологијата. Добитничка е на престижната поетска награда за поезија „Браќа Миладиновци“ во 2020 година. рп/сп/

Остани поврзан