• среда, 13 ноември 2024

Ивановска: ДКСК не може да ги истражува завршените кандидати на Академијата, Судскиот совет и Советот за јавни обвинители да го зајакнат надзорот

Ивановска: ДКСК не може да ги истражува завршените кандидати на Академијата, Судскиот совет и Советот за јавни обвинители да го зајакнат надзорот

Скопје, 23 февруари 2023 (МИА) - Државната комисија за спречување на корупција не може да ги истражува завршените кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители, за кои медиумите објавија дека дел од нив се во блиски роднински врски со високи функционери, обвинители, судии, бидејќи, како што изјави денеска претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска тоа е затворен систем и тие веќе положиле тестови, компјутерски креирани. 

-Прашањето е што се случило тогаш, како е пробиен тестот, слушнавме такви гласини, кои потоа не беа демантирани. Од наш аспект, како ДКСК, останува како превентива да се внимава на распределбата на овие обвинители и судии, во кои судови и обвинителства ќе се распределат, да не бидат во близина на свои блиски лица, со цел колку толку да се намали влијанието. Од друга страна потребно е Судскиот совет и Советот за јавни обвинители да ги зајакнат своите надзори и контроли коишто опфаќаат и квалитативно и квантитативно оценување, кое што би им било основа понатаму да ја оценуваат работата на овие кадри, изјави Ивановска, додавајќи дека тие сега ќе ќе бидат под голема лупа на јавноста и треба навистина да се докажат со својот квалитет.

Таа нагласува дека сомнежите кај граѓаните и чувствителноста е многу висока во услови кога има огромно политичко влијание, со висок ризик од корупција, кое понатаму се одразува со вработувања преку познатите системи за непотизам, кронизам, клиентелизам, преку политичко пазарење на високо раководна структура. Ивановска додава дека од друга страна контролниот систем во државата не е доволно отпорен на корупција и оти е нормално да има вакви реакции во јавноста.

Првата антикорупционерка денеска пред започнувањето на Конференцијата “Антикорупција 2030: Сегашни и идни антикорупциски предизвици” рече дека тоа сега може да се спречи единствено, ако тие се докажат во својата работа дека навистина се професионални и тоа да биде поткрепено со надзори, со контроли извршени од надлежните институции.

- И уште еднаш ќе речам да се внимава каква ќе биде нивната распределба. И конечно, секогаш апелирам политиката да си ги трга рацете од професионалноста. Тоа е единствениот излез којшто може да ја спаси оваа држава, додаде Ивановска.

Во однос на прашањето за проверка на имотната состојба таа одговори дека тоа континуирано се прави согласно законот и дека секоја година се носи план за проверка на имотната состојба, врз база на проценка на ризик и врз база на определени критериуми.

- Речиси секоја година има дел од судии коишто се дел од планот што го работиме. Една година беа само судии и тоа претседатели на судови за коишто утврдивме определени неправилности, меѓутоа за три од нив утврдивме и несразмерно зголемување на имотот и тие предмети се предадени во надлежни институции. По мене клучната борба против корупција е донесување на законот за потекло на имот, со којшто ќе бидат опфатени сите граѓани бидејќи носителите на јавни функции не го прават тоа сами, туку во спрега со некои други свои блиски лица коишто не мора да се на јавна функција и факт е дека не можеме да кажеме дека она што го прикажуваат во анкетните листови е секогаш реално, рече претседателката на ДКСК. 

Таа исто така информираше дека во тест фаза е софтверското решение за електронско поднесување на анкетните листови и смета дека најмногу за еден месец ќе биде во употреба. Додаде дека овој софтвер ќе овозможи во реално време да се споредуваат податоците прикажани во анкетниот лист со евиденцијата на соодветните институции.

-Таа контрола многу ќе ни помогне, бидејќи досега сите информации, сите податоци поврзани со анкетните листови на носителите на јавни функции ги баравме писмено по пошта и тоа ни ја отежнуваше работата. Така што мислам дека и од таа страна ќе бидеме малку побрзи и самиот софтвер ќе ни креира црвени знаменца во оние ситуации каде што има неправилности, додаде Ивановска. сх/ац/

Остани поврзан