• вторник, 24 декември 2024

Ивановска: Власта не ги гледа реално оценките 

Ивановска: Власта не ги гледа реално оценките 

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) - Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска, вели дека многупати досега сме прочитале дека нема напредок во извештајот и не треба да сме изненадени од лошите оцени на меѓународната заедница.

- Прашувам зошто сите се изненадуваме кога меѓународната заедница ќе ни даде лоши оценки дотолку повеќе што ние постојано укажуваме на тоа. Значи, ДКСК дава препораки, невладините укажуваат, сите укажуваме и тогаш сите се глуви. Сега кога ќе дојде меѓународната заедница да ни ги каже вистинските оценки тогаш наеднаш сите се чудиме. Ама власта не ги гледа оценките, изјави Ивановска во емисијата Анализа 24.   

Според Ивановска, власта не ги гледа реално оценките какви се и што се. 

-   Мене сево ова ми личи на едно мало тврдоглаво дете кое што не сака да послуша ништо што му се кажува... За жал, тоа е зрелоста на нашето општество, ништо повеќе од тоа, вели Ивановска.

Холандскиот амбасадор, посочи Ивановска, неколку пати отворено ни кажува дека ова е се до нашиот менталитет, дека човечкиот потенцијал е таков и дека власта се изразува декларативно во борбата против корупција,

- Значи, ако е се’ до менталитетот и до човечкиот фактор тоа значи дека треба тука да имаме зреење, односно детето да порасне. Значи, без разлика колку и да формираме работни тела, комисии, било што – епилогот ќе биде дали имаме желба, вистинска волја тоа да се заврши или, пак, ќе ја замајуваме јавноста, вели Ивановска.

Ивановска, посочи дека ДКСК во нејзиниот мандат досега има 50 иницијативи за кривично гонење и уште 50 иницијативи за разрешување на директори и раководители.

-  Бар нешто од тоа да се применеше, ќе ја променеше климата во државата, изјави Ивановска.

Уште од 2019 година, нагласи Ивановска, Комисијата излегла со сериозни наоди коишто го поткопуваат ова општество – прашањата со кронизмот, непотизмот, клиентелизмот.

-    Во тоа време беа опфатени повеќе јавни претпријатија, дадовме иницијативи за разрешување на директорите во тие јавни претпријатија – никој не беше разрешен. Единствено си отиде директорот Драган Миневски од ЕСМ, мислам, и мислам дека тој повеќе си замина поради својот личен интегритет отколку што некој побра да си оди – тоа е мое лично мислење, не знам можеби не е така, не е битно. Но, сите управни одбори одговорија дека не гледаат одговорност кај директорите коишто по пат на политичко влијание ги одбрале тие, изјави Ивановска. 

Според Ивановска, добро е што ЕК позитивно ја оценува работата на ДКСК, со оглед дека половина мандат го поминале со исти ресурси. аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан