Зоки Поки, Сказна за детето Вилен и Белото Циганче на Брајово писмо
- Во Спомен-собата на Миладиновци ‒ „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје денеска ќе бидат промовирани на книгите на Брајово писмо Приказни за Зоки Поки од Оливера Николова, Сказна за детето Вилен од Глигор Поповски и Белото циганче од Видое Подгорец, како дел од одбележувањето на 200 години од Брајовото писмо и Светскиот ден на Брајовото писмо - 4 Јануари.
Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - Во Спомен-собата на Миладиновци ‒ „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје денеска ќе бидат промовирани на книгите на Брајово писмо Приказни за Зоки Поки од Оливера Николова, Сказна за детето Вилен од Глигор Поповски и Белото циганче од Видое Подгорец, како дел од одбележувањето на 200 години од Брајовото писмо и Светскиот ден на Брајовото писмо - 4 Јануари.
-Оваа година ширум целиот свет се одбележуваат 200 години од измислувањето на Брајовото писмо, па во таа чест насекаде се преземаат разни акции, се организираат разни настани, се реализираат разновидни проекти со кои се поттикнува свесноста за значењето на Брајовото писмо, за писменоста и употребата на истото, за можностите кои тоа ги отвора за слепите лица. Во оваа јубилејна година, кога се одбележуваат 200 години од измислувањето на Брајовото писмо и во пресрет на одбележувањето на Светскиот ден на Брајовото писмо – 4 Јануари, Издавачкиот центар АЛДЕБАРАН од Струга, како единствена издавачка куќа во Македонија која рамките на својата издавачка дејност има сегмент за издавање на публикации на Брајово писмо, подготви неколку публикации – класични дела од македонската книжевност: Приказни за Зоки Поки од Оливера Николова, Сказна за детето Вилен од Глигор Поповски и Белото циганче од Видое Подгорец, а во соработка стручни лица вработени во Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје, велат издавачите.
Излегувањето на овие, како што нагласуваат, некомерцијални и исклучително скапи изданија, првенствено го помогна Министерството за култура на Република Македонија, но и други општествено одговорни компании и поединци.
-Одговорност на сите нас како заедница и држава е да направиме многу повеќе и барем овие темелни книги да направиме да бидат достапни и на Брајово писмо за новите генерации кои се описменуваат и се користат со него. Овие публикации се подготвуваат како дел од мисијата за достапност на македонските и светските книжевни класици до сите читатели. Сите се дел од задолжителните лектири на учениците од основното образование, со оглед на тоа што тоа е најосновната и насушна потреба во овој миг, а со цел новите генерации кои се описменуваат за користење на Брајово писмо да имаат еднакви можности како и сите други деца, да може да ги читаат класичните дела од македонската и светската книжевност. Убедени сме дека сите заедно ќе придонесеме кон остварување на оваа благородна цел, нагласуваат од Издавачкиот центар АЛДЕБАРАН од Струга. сст/вг/
фото Издавачки центар АЛДЕБАРАН од Струга