• среда, 25 декември 2024

ЗМАИ: Осум општини со задоволително ниво на отвореноста на буџетите во 2022 година

ЗМАИ: Осум општини со задоволително ниво на отвореноста на буџетите во 2022 година

Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) - Осум општини (Битола – 77.8, Валандово – 75.1, Крива Паланка – 75.0, Делчево – 70.6, Центар – 66.2, Струмица – 65.6, Богданци – 65.6 и Берово – 61.7) имаат задоволително ниво на отвореност во 2022 година, покажа анализата на Здружението за истражувања и анализи (ЗМАИ), кое веќе трета година ја мери транспарентноста, отчетноста, вклученоста и правичноста на општинските буџети преку Индексот за отворени општини (ИОО).

Покрај, осумте општини кои имаат задоволително ниво на отвореност, 13 локални единици имаат доволна отвореност на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 41 и 60).

- Најголем број од општините, вкупно 49, имаат минимална отвореност на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 21 и 40). Недоволно ниво на отвореност имаат дури 11 општини. Сето ова посочува дека најголемиот дел од општините имаат минимална отвореност на општинските буџети кон граѓаните во 2022, велат од ЗМАИ.

Резултатите покажуваат дека просечната вредност на ИОО за 2022 година е 35,2, односно отвореноста на општинските процеси е на минимално ниво. Од друга страна, поставените стандарди за отвореност покажуваат дека општината мора да има индекс од барем 61 за да има задоволително ниво на отвореност.

- Целта на Индексот не е да ги критикуваме општините. Напротив, ние им даваме насока, кои параметри се потребни за да можат да обезбедат соодветно ниво на отвореност на буџетските процеси. Задоволни сме дека по само три години, соработка со општинските администрации гледаме напредок. Иако, сè уште има простор за подобрување, бидејќи немаме општина со високо ниво на отвореност, односно 80 поени на индексот. Сепак, според она што го гледаме ако општините продолжат во оваа насока, веќе следната година можеме да очекуваме и такво нешто, вели Виктор Митевски, претседател на ЗМАИ.

Тој се надева дека ќе се направи еден здрав натпревар меѓу општините, и тие ќе се трудат да ги „победат“ останатите во поотворени Буџетски процеси.

- Мило ни е што немаме повеќе општини со 0 поени, тоа значи дека гласот на јавноста, сепак стигнува до сите, нагласува тој.

Акцентот на процесите на локалниот буџет е претставен преку три области:

Транспарентност – го мери/испитува степенот до кој е познат на јавноста буџетскиот процес, од подготовка, преку усвојување, до спроведување.

Вклучување и правичност – вклучувањето испитува како и колку граѓаните, особено маргинализираните групи, се вклучени во буџетскиот процес, т.е. ако се во можност да го изразат своето мислење за локалниот буџет и дали се зема предвид нивниот глас. Еднаквоста испитува како се застапени маргинализираните групи во различните фази на буџетскиот процес.

Отчетност – го оценува прикажувањето на резултатите од работата на локалните власти и на целиот буџетски процес пред граѓаните. ир/дма/

 

Фото: ЗМАИ

 

Остани поврзан