• сабота, 23 ноември 2024

ЗМАИ: Минимална отвореност на општинските буџети кон граѓаните

ЗМАИ: Минимална отвореност на општинските буџети кон граѓаните
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Просечната вредност на Индексот на отворени општини (ИОО) за 2021 година во државава е 32,4, а според поставените стандарди за отвореност општината мора да има индекс од барем 61 за да има задоволително ниво на отвореност.  Со највисока вредност на ИОО, кој е сеопфатен индикатор за оценување на општинскиот буџетски процес за една фискална година, е општина Карпош (73.46), а со најниска вредност (0) е Арачиново, покажуваат денеска презентираните резултати на Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ. Резултатите од истражувањето на ЗМАИ покажале дека општините во 2021 година не ги отвориле доволно своите буџети до граѓаните. Тие резултати опстојуваат низ сите три димензии на отвореноста преку кои се формира индексот: транспарентност, вклученост и праведност и отчетност. Просечната оценка за димензијата транспарентност е 39, за вклученост и праведност е 18, а за димензијата отчетност е 40. Топ пет општини со задоволително ниво на отвореност лани биле Карпош, Центар, Гевгелија, Битола и Валандово, а со најмала отвореност Арачиново, Демир Капија, Чучер Сандево, Пласница и Тетово. Шестанесет општини имаат доволна отвореност на буџетскиот процес, со вредност на ИОО меѓу 41 и 60. Најголем број од општините, 41 се со минимална отвореност на буџетскиот процес, со вредност на ИОО меѓу 21 и 40. Сето ова, според ЗМАИ, посочува кон минимална отвореност на општинските буџети во 2021 кон граѓаните. -Лани имавме две општини со оценка нула и се надевавме дека годинава ќе немаме општини со таква оценка, но, за жал, повторно имаме општина со таква оценка. За поздравување е тоа што за разлика од лани кога имаше само една општина со задоволително ниво на транспарентност и отчетност оваа година имаме пет. Она што треба да не загрижува е дека голем дел од оние општини коишто биле во делот на доволни оваа година преминуваат во минимална отчетност, транспарентност и вклученост, што значи дека ја влошиле нивната позиција, рече на прес-конференција Виктор Митевски, претседател на ЗМАИ. Индексот за отвореност на општините за 2021 година пораснал за 1,4 во однос на претходната година, но, како што укажа Митевски,  пред се тоа се должи на растот кај вклученоста и правичноста и кај отчетноста, а има стагнација кај нивото на транспарентост. Се очекува подобрување во таа насока бидејќи со Законот за буџети што беше донесен пред еден месец се предвидува поголема транспарентност и обврска и за општините да ги објавуваат сите буџетски документи. Митевски соопшти дека се јавува голем јаз во оглед на отвореноста помеѓу урбаните и руралните општини, односно со најголеми постигнувања најчесто се урбаните, а со мали руралните. -За жал, сите механзими што се употребуваат во руралните средини не се формално покриени и граѓаните на нив не гледаат како системски механизам, туку кога ги презентираат нивните идеи тие се обраќаат директно кај градоначалникот, кај претседателот на Советот, кај официјални лица кои всушност понатаму треба да ја проследат до Советот, но бидејќи тоа не е соодветен механизам тие барања најчесто не завршуават во буџетите, рече Митевски. Како најнегативен податок од истражувањето е тоа што само три општини го објавиле предлогот на буџетот што градоначалниците го доставиле до Советот, иако, како што посочи Митовски, тоа е важно за да се направат интервенции со вклучување на граѓаните согласно нивните потреби. Една од клучните работи што треба да ја направат општините е објавување и соодветно комуницирање на предлог буџетот. Јована Аврамовска од ЗМАИ соопшти дека 47 проценти од општините немаат предлог план на програми за развој за фискалната 2021 година, иако тој е баран во буџетскиот календар. Овој резултат може да се должи на фактот дека повеќе од една третина од општините немаат донесено Буџетски календар за 2021 година, иако тој е законски баран. Исто така, девет проценти од општините го немаат донесено буџетот во законски предвидениот рок, а дури 85 проценти не го издаваат буџетот во отворен формат. Огромен број на општините немаат онлајн верзија на ребалансот на буџетот и Граѓанскиот буџет (90 проценти), ниту користат социјални мрежи за информирање за буџетот. ЗМАИ констатира дека недоволната отвореност на општините придонесува за зголемена неефикасност на локалната самоуправа, особено при давање јавни услуги.Укажува дека Методологијата за Индексот на отворени општини може да биде водич за вработените во општините за спроведување на активностите за информирање и вклучување на граѓаните за локалните буџети. Исто така, ИОО, треба да обезбеди фер натпревар помеѓу општините кој на долг рок ќе придонесе за системско и сеопфатно отворање на буџетскиот процес на општините кон сите граѓани, особено на маргинализираните групи. лв/ац/  

Остани поврзан