• сабота, 23 ноември 2024

ЗКРСМ: Од денеска пријавување за користење на мерката „Диверзификација на фарми и развој на бизниси“

ЗКРСМ: Од денеска пријавување за користење на мерката „Диверзификација на фарми и развој на бизниси“

Куманово, 5 ноември 2024 (МИА) - Занаетчиите од земјава имаат значајна можност да ги искористат бенефитите од мерката 7 – „Диверзификација на фарми и развој на бизниси“ од ИПАРД програмата, која овозможува проширување и модернизација на нивните активности, соопштија денеска, надлежните од Занаетчиската комора на Северна Македонија.

Претставниците на ЗКРСМ, извршната директорка Јелена Спасова и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев денеска остварија средба по повод објавата на повикот на кој можат да аплицираат и занаетчиите. Мерката како што појаснуваат од ЗКРСМ била поддржана од Националната комора на занаетчии, и како што нагласуваат претставува важна алатка за развој на занаетчиството, поттикнувајќи ги занаетчиите во руралните средини да го унапредат своето работење, да вложуваат во нови технологии и капацитети, и да создаваат нови можности за вработување и економски раст.

Од ЗКРСМ појаснуваат дека со мерката е предвидена финансиска поддршка до 60 отсто од вкупните прифатливи трошоци за инвестиции, која може да достигне и до 70 проценти за оние што спаѓаат во категориите на млади земјоделци, сертифицирани органски производители и колективни инвестиции. Ова значи дека занаетчиите кои исполнуваат специфични услови можат да добијат значителна помош за започнување или проширување на своите активности, што е ретка можност во услови на економски предизвици. Условите за користење на оваа мерка ги вклучуваат регистрираните занаетчии од руралните подрачја кои поседуваат професионални вештини, релевантно образование или работно искуство во својата област. Дополнително, за да се обезбеди одржливост на инвестициите, корисниците се обврзуваат на континуирано работење најмалку пет години по реализацијата на проектот, со што се поттикнува долгорочен економски раст и стабилност.

- Со воведувањето на оваа мерка, нашите занаетчии добиваат директна поддршка која ќе им помогне да го развијат своето работење и да обезбедат економска независност. Комората ја препознава вредноста на занаетчиството како дел од културното и економското наследство на нашата земја, а со оваа мерка се овозможува токму тоа – зајакнување на позицијата на занаетчиите како важен дел од нашето општество, изјави Јелена Спасова, извршна директорка на Занаетчиската комора.

Оваа иницијатива ќе овозможи занаетчиите во Северна Македонија да ги унапредат своите дејности, да ја зголемат својата конкурентност и да придонесат кон економскиот развој на руралните подрачја. Од ЗКРСМ сметаат дека преку овие вложувања се поставуваат темели за одржлив развој, намалување на невработеноста, и зајакнување на социјалната инклузија, што е од суштинско значење за напредокот на локалните заедници и целата држава.

Во повикот на Агенцијата е наведено дека посебен акцент се става на можноста на занаетчиите и вршителите на занаетчиска дејност да предложат инвестиции во набавка на опрема и/или реконструкција или изградба на објекти за модернизација и унапредување на занаетчиското производство во согласност со правилникот за вршење на занаетчиска дејност.

- Барањата за финансиска поддршка како и упатството за корисници може да се преземат од веб-страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk, а целокупната апликација со сите потребни документи наведени во објавата на јавниот повик потребно е да бидат доставени најдоцна до 20 декември годинава, до кога е и отворен јавниот повик, се наведува во повикот. ам/ир/

Фото: ЗКРСМ

Остани поврзан