• понеделник, 23 декември 2024

ЗКРСМ бара поддршка од институциите во борбата против „сивата“ економија

ЗКРСМ бара поддршка од институциите во борбата против „сивата“ економија
Куманово, 10 март 2023 (МИА) - Занаетчиската комора бара поддршка од институциите во „борбата“ против сивата економија со дополнителни субвенции за членките на комората, повикаа денеска од ЗКРСМ. Тие бараат поддршка од институциите за надминување на состојбите кај микро и малите фирми со продолжување на субвенциите, креирање нови работни места преку доквалификации и преквалификации на работниците.
 
Од комората велат дека нивните членки, малите занаетчии секогаш се однесувале солидарно со јавноста, укажувајќи дека цената на лебот кај малите пекари се движела од 25 до 29 денари.
 
 
- Нашите членки воопшто не ги засегаше дали цената ќе се замрзне на 33 денари, бидејќи, ние претходно имавме цена од 25 до 30 денари. Ние сме благодарни затоа што државата, Министерството за економија, имаше субвенции кон овие дејности цената на електрична енергија беше пониска и нашите членки произведуваа по пониска цена, изјави претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији.
 
За членките на Комората, најголем проблем е надминување на кризите, постепандемската, енергетската, економската. Во однос на замрзнување на цените на тестенините, Фазлији вели дека имаат извесен број членки, произведувачи на тестенини и засега немаат информација колку ќе изнесува замрзнувањето. Во комората има регистрирани произведувачи на тестенини, и како што посочува Фазлији, за разлика од поголемите производители малите производители треба да се слушнат, бидејќи тие имаат недостиг на работна сила.
 
 
За комората ова е сериозен проблем, бидејќи сега се работи за недостиг на работна сила.
 
- Средства пет милиони денари, планирани и наменети за репроматеријали и алат кај занаетчиите за годинава не се доволни. Претходниот период имаше секакви кризи и во тој период Министерството за економија нудеше субвенции. Сега ни се потребни повеќе субвенции за да излеземе од состојбата што трае со години. Бараме повеќе средства, со најавуваните пет милиони само во стара скопска чаршија еден фен да набават занаетчиите ќе се потрошат тие средства. Ние бараме повеќе средства за да можат да се покријат сите занаетчии, изјави Фазлији.
 
Според него, на овој начин, занаетчиите ќе станат ликвидни, ќе се зајакне локалната економија и главно ќе се сузбие „сивата“ економија, која придонесува затворање на регистрираните занаетчии.
 
Што се однесува до зголемувањето на минималната плата, Фазлији вели дека нив не им е проблем зголемувањето на платите, бидејќи некои дејности имаат солидна плата.
 
- Ние не сме против покачување на платата. Пример, пекарите имаат околу 700 евра плата, некои фризери до 1000 евра, но ако не се сузбие сивата економија, тогаш ќе нема приходи. Инфлацијата го прави своето и продуктите и нашите услуги се покачени треба сите да внимаваме во тој сегмент. Ако ја сузбиеме сивата економија, ако клиентите, потрошувачите, одат кон регистрирани занаетчии и имаат поголем промет, ние никаков проблем немаме да ја покачиме платата, изјави Фазлији.
 
Според него важно е несењето на стратегијата за сузбивање на „сивата“ економија и очекувањата на занаетчиите се дека наскоро ќе се донесе и ќе почне суштински да се применува. ам/цр
 
Фото: МИА
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан