• вторник, 17 декември 2024

Зибери: Имаме право на препораки за образованието и тие се најдобронамерни

Зибери: Имаме право на препораки за образованието и тие се најдобронамерни
Скопје, 16 септември 2021 (МИА) – Народниот правобранител е апослутно надлежен и за образованието и за заштита на децата. Се разбира, не сме Комисија за заразни болести, но имаме право да даваме препораки како образовниот процес да биде квалитетен. Нашите укажувања се најдобронамерни, рече народниот правобранител Насер Зибери. Во врска со изјавата на министерката Мила Царовска дека омбудсманот не е надлежен за образованието, по неговата реакција со препораки врз основа на поплаки од родители кои се обраќаат кај него, Зибери вечерва во интервју во „24 Анализа“ на ТВ 24 посочи дека институцијата што ја раководи не е надлежна да ги решава, но има обврска доколку констатира проблеми да дава мислење со препораки за нивно надминување. Доколку МОН како надлежен орган не постапи по нивните укажувања, рече Зибери, Владата има обврска информацијата на Народниот правобранител да ја стави на седница на која и тој ќе биде поканет. Посочи дека по сопствена иницијатива Народниот правобранител спровел мониторинг за правото на децата за образование особено сега кога се премина на настава со физичко присуство во однос на тоа како се одвива процесот, дали има хигиенски, здравствени и технички услови. - Тоа е наша надлежност, и не само за мониторинг, туку и да дава препораки. МОН е должно да одговори на нашите забелешки и со аргументи да одговори ако тие се неточни, рече Зибери, додавајќи дека има низа пропусти. Како пример посочи недостиг на хигиенски средства кои треба да ги покриваат родителите, а според протоколите тоа е обврска на училиштата. Има училишта, рече,  без вода за пиење и септички јами во функција на тоалети, потоа проблем со учебници и повреда на авторските права, сите домаќинства немаат ИТ-уреди за да ги симнат дигиталните содржини итн. Во интервјуто во „24 Анализа“, народниот правобранител рече и дека е потребна сериозна, длабинска и брза истрага за причините за пожарот во модуларната болница во Тетово. Посочи дека како институција Народниот правобранител нема извршни надлежности во истрагата, но, меѓу другото, надлежност му е да се грижи за здравствена заштита на луѓето. Верува дека за откривање на вистинските причини за трагедијата, со кои ќе се лоцира и одговорноста, ќе помогнат германските ескперти и смета дека вклучување странци во истрагата дава поголема доверба кај граѓаните и кај него лично дека резултаттите ќе бидат поверодостојни зашто правосудните органи, како што рече, не уживаат доверба и затоа е добредојдено секое второ мислење и експертиза. хс/цр

Остани поврзан