Зиба: Струшка нефрологија со услови за комплетен третман на лицата со бубрежни заболувања и холидеј дијализа
- Јавната здравствена установа Нефрологија – Струга нуди услуги и третман по сите стандарди во интерес на нејзините пациенти, нашите граѓани, но и оние од регионот, а создадени се и услови за развој на здравствен туризам што е од значење не само за Струга, туку и целиот Југозападен регион, истакна денеска заменик-министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими.
Струга, 11 декември 2024 (МИА) - Јавната здравствена установа Нефрологија – Струга нуди услуги и третман по сите стандарди во интерес на нејзините пациенти, нашите граѓани, но и оние од регионот, а создадени се и услови за развој на здравствен туризам што е од значење не само за Струга, туку и целиот Југозападен регион, истакна денеска заменик-министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими.
По промоцијата на втората фаза од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ што го реализира Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија, во Струшка Нефрологија посочи дека покрај пациентите од регионот, услуги ќе добиваат и од соседството и пошироко.
Директорот на установата, Јетмир Зиба заклучи дека Болницата сега ги поседува сите услови за навремен и комплетен третман на лицата со бубрежни заболувања.
- Направена е реконструкција во двата објекти. Објектот за „холидеј дијализа“ е целосно реконструиран. Во главниот објект поставени се фотонапонски панели, соларен систем за загревање на водата, целосно е променета столаријата, набавен е нов агрегат, систем за реверзна осмоза, централен систем за дистрибуција на кислород во одделот за интензивна нега, безжичен систем за болничка дојава на пациентите, направен е апдејт на страницата што значи дека можат пациентите да закажуваат термини од странство за „холидеја дијализа“, истакна Зиба.
Во објектот за „холидеј дијализа“, лоциран на брегот на Охридското Езеро, нагласи, создадени се услови за третман на пациентите преку целата година. Покрај целосната реконструкција поставен е систем за греење, ладење, вентилација, нов систем за реверзна осмоза, инвентар медицински...
- Порано во овој објект функциониравме само преку летниот период, сега се направени услови да функционираме преку целата година. Намерата беше да ја развиваме „холидеј дијализата“ што значи пациенти од странство, не само од соседните земји, туку од сите европски земји да дојдат и да се лекуваат со хемодијализа кај нас и при тоа да уживаат во убавините на езерото и нашиот град, додаде Зиба.
Очекува дека со реконструкцијата на овој објект ќе се врати интересот кај странските пациенти, одморот да го минуваат на струшкото крајбрежје, кој иако бил голем во минатото, последните години опаднал.
За придобивките од реконструираната Болница говореше и директорот на Центар за развој на Југозападен плански регион, Ваљон Каба.
- Имплементацијата на проектот со кој се подобрија условите за нега на пациентите, како и за условите за работа на медицинскиот персонал се од исклучителна важност. Заедно со проектот за реконструкција на болниците за кардиоваскуларни заболувања и за ортопедија и трауматологија во Охрид, местоположбата на установите, природните убавини со кои се опкружени, во голема мера создаваат услови за развој на здравствениот туризам во регионот, нагласи Каба.
Во Струшка нефрологија годишно се прават околу 16.000 хемодијализи. За реализација на проектот со кој значително се подобрени условите за треман на пациентите инвестирани се над 26 милиони денари. сс/мд/
Фото: МИА