• среда, 25 декември 2024

Земјите-членки не можат да се усогласат за Декларацијата од Самитот ЕУ-Западен Балкан

Земјите-членки не можат да се усогласат за Декларацијата од Самитот ЕУ-Западен Балкан

Брисел, 29 септември 2021 (МИА) - По текстот што го објави агенцијата Ројтерс вчера дека некои земји членки бараат крај на проширувањето на ЕУ, повеќе дипломати за МИА тврдат дека текстот „е попесимистички од реалноста“ и оти станува збор за тензии околу заклучоците од Декларацијата за Самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во Словенија идната недела, јави дописничката на МИА од Брисел.

Објавата на Ројтерс всушност се однесува на дискусија помеѓу амбасадорите на земјите членки на ЕУ која се одржала на 15 септември објаснуваат за МИА неколку дипломатски претставништва на ЕУ во Брисел.

Како и пред секој самит помеѓу ЕУ и Западен Балкан, амбасадорите го усогласуваат текстот од Декларацијата што треба да произлезе од истиот, и што треба да им биде предаден на лидерите.

Овие самити, потсетуваат дипломатите, последниве години (под бугарско и под хрватско претседателство) никогаш не се однесувале на проширувањето. Секој пат, меѓутоа, се повторува поддршката на ЕУ за европската перспектива на Западниот Балкан.

Додека првата верзија од Декларацијата гласи: „ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан и ја поздравува заложбата на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е наш заеднички стратешки интерес и останува наш стратешки избор“, неколку земји членки, кои силно се залагаат за проширувањето, побарале да стои поексплицитна и поизразена поддршка за овој процес.

Ова барање, според дипломати присутни на состаноците, ги разгневило традиционално скептичните Франција, Холандија и Данска, кои за возврат побарале да се набројат строгите услови за проширувањето и со тоа сакале да испратат порака дека проширувањето „не е готова работа“.

Поради овој судир помеѓу земјите кои се залагаат и оние кои се противат на проширувањето се појавиле тензии помеѓу амбасадорите уште пред две недели, а темата е ставена на ред за идниот петок, односно последниот амбасадорски состанок пред да се одржи Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Зошто дипломатите одлучиле да ги брифираат Ројтерс токму на денот кога претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, ја започна својата балканска турнеја, останува нејасно, но не сите во Брисел изразуваат загриженост поради овој текст.

Останува исто така да се види што ќе стори словенечкото претседателство во петок кога треба да понуди компромисно решение за Декларацијата: дали ќе се врати првичната вообичаена формулација на поддршка за перспективата или ќе излезе со некое друго креативно решение.

Но, потсетуваат дипломатите, факт е дека проширувањето е една од многу поларизирачки теми во Европската Унија, помеѓу од една страна Данска, Франција и Холандија, а од другата претежно земјите од источниот блок кои сакаат побрзи и поконкретни реализации во областа на проширувањето, како отворање нови поглавја со Србија и Црна Гора и почеток на преговорите со Албанија и Северна Македонија.

Нејасно е каде точно стои Германија во оваа дискусија. Додека некои дипломати брифираат дека Германија е на страна на амбициозните за проширувањето, други тврдат дека таа држи побалансирана позиција помеѓу двата табора, посебно со оглед на тоа дека земјата е дипломатски значително ослабена.

Декларацијата од самитот во Словенија не е на дневен ред на денешниот амбасадорски состанок како што се најавуваше во одредени медиуми. тм/нд/

Остани поврзан