Зеленски: Сеќавањето на Холокаустот сè повеќе бледее
- Тој нагласи дека рамнодушноста е „ѓубриво за злото“ и дека е неопходно да се „надмине омразата која раѓа насилство и убиства“.
Киев, 27 јануари 2025 (МИА) - Претседателот на Украина Володимир Зеленски, денеска, по повод Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот порача дека ова злосторство никогаш не смее да се заборави и никогаш да се повтори.
„Тоа беше смислен обид на нацистите да избришат еден цел народ, да ги убијат сите негови припадници, да уништат сè што нè потсетува на Евреите. Шест милиони жртви. Злосторството на Холокаустот никогаш не смее да се повтори, но за жал, сеќавањето на Холокаустот постепено бледее, а злото што се обидува да ги уништи животите на цели народи и понатаму постои во светот“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој нагласи дека рамнодушноста е „ѓубриво за злото“ и дека е неопходно да се „надмине омразата која раѓа насилство и убиства“.
- Мораме да ја спречиме амнезијата. И ова е задача на сите – да направиме сè за злото да не победи, истакна претседателот на Украина.
Ден претходно, Зеленски заедно со рабини, претставници на дипломатскиот кор и државни функционери, оддаде почит на милионите убиени во холокаустот.
Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот, прогласен од Генералното собрание на ОН на 1 ноември 2005 година, се одбележува секоја година на 27 јануари, денот кога советските сили го ослободија еден од најголемите нацистички логори на смртта, Аушвиц-Биркенау. ссм/
фото: ЕПА