Зеленски планира да се сретне со Трамп на самитот на НАТО во Хаг
- Во интервју за Скај њуз, кое беше емитувано денеска, Зеленски рече дека нивните тимови работат на организациските детали и го одредуваат времето на состанокот.

Лондон, 24 јуни 2025 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека планира да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп за време на самитот на НАТО во Хаг.
Во интервју за Скај њуз, кое беше емитувано денеска, Зеленски рече дека нивните тимови работат на организациските детали и го одредуваат времето на состанокот.
Зеленски тврди дека Русија ќе биде подготвена со нова војска во рок од пет години и дека рускиот претседател Владимир Путин веројатно ќе нападне земја членка на НАТО во рок од неколку години „за да го тестира Членот пет“.
Украинскиот претседател процени дека тензиите на Блискиот Исток би можеле да значат дека Украина ќе добие помала помош од партнерите, вклучувајќи ги и САД, што значи дека „Русија ќе почувствува предност на бојното поле“.
Зеленски рече дека САД и Русија „можеби се краткорочни партнери, но никогаш нема да бидат пријатели“ додека американскиот претседател Доналд Трамп е на власт.
Тој истакна дека Путин ќе има подготвена нова војска за 10 години по укинувањето на санкциите.
Зеленски оцени дека војната во Иран не можеше да се случи „во полошо време“.
„Одеднаш, вниманието на светот е насочено кон друг конфликт, и најважно, кон вниманието на најмоќниот човек во светот, Доналд Трамп“, рече Зеленски.
Тој рече дека санкциите против Русија не функционираат и дека некои земји, вклучително и Велика Британија, дозволуваат компоненти со двојна намена, што се користат во производството на беспилотни летала и ракети, да продолжат да завршуваат во „руски раце“.
Зеленски повтори дека нема да има преговори без прекин на огнот.сд/
фото:МИА архива