• вторник, 19 ноември 2024

Зеленски: Кремљ имаше увид во плановите на украинската контраофанзива во 2023 година

Зеленски: Кремљ имаше увид во плановите на украинската контраофанзива во 2023 година

Киев, 25 февруари 2024 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека „Русија успеала да добие увид во плановите на украинската контраофанзива во 2023 година уште пред да започне, а чиј неуспех и нанесе тежок удар на Украина“.

„Нашите планови за контраофанзива беа на масата на Кремљ пред да започне контраофанзивата“, рече Зеленски на прес-конференција.

На новинарско прашање, Претседателството на Украина потврди дека Зеленски мислел на протекување информации.

Тој појасни дека неговите воени лидери развиле неколку борбени планови за 2024 година за да надоместат за „протекување информации“ во иднина.

Големата украинска контраофанзива во летото 2023 година беше пресретната со силни руски одбранбени линии кои ги исцрпеа ресурсите на украинската војска без да дозволат ослободување на регионите окупирани од Русија.

Украинскиот претседател на денешната прес-конференција рече и дека победата на Украина ќе зависи од воената помош на Западот и додаде дека е сигурен оти американскиот Конгрес ќе го одобри долгоочекуваниот пакет помош.

„Ако сме силни, со оружје, нема да ја изгубиме оваа војна“, рече Зеленски, кој првпат денеска објави дека во војната со Русија загинале 31.000 украински војници. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан