• вторник, 24 декември 2024

Здружение на воени инвалиди и воени ветерани „Братство 2001“ бара боречки пензии за сите учесници во конфликтот од 2001 година

Здружение на воени инвалиди и воени ветерани „Братство 2001“ бара боречки пензии за сите учесници во конфликтот од 2001 година

Новаци, 8 декември 2024 (МИА) - Здружението на воени инвалиди и воени ветерани „Братство 2001“  бара како што и денеска некои семејства на партизани уживаат во боречка пензија, а во еден период имало додаток и на живите илинденци кои добивале илинденска пензија, и тие како учесници во конфликтот во 2001, во самостојна и суверена Македонија со закон во македонското Собрание да добиваат боречка пензија.

На годишното собрание на Здружението „Братство 2001“ што се одржа во Новаци, членовите истакнаа дека не прифаќаат донесување на закони во кои што тие нема да партиципираат и бараат измени и дополнување на Законот за бранители донесен во 2002 година.

-Ние бараме дополнување и изменување на постоечкиот Закон за бранители од 2002 година со амандмани со кои ќе се овозможи сите борци, сите бранители што учествувале конфликтот во 2001 година без разлика дали се воени инвалиди или останале неповредени да добијат исти права како што беа борците од народно ослободителната борба-НОБ, бидејќи се боревме за државата, за Република Македонија. Ние заслужуваме рамноправен статус како што сите се бореле за Република Македонија. За секој нов закон потребна е консултација со бранителите затоа што неможе нешто да предлага некој кој не помирисал барут, тој нема осет за нас и нашите проблеми. Потребна е надградба на постоечкиот закон и доделување на семејна боречка пензија на сите припадници и учесници во 2001 година, истакна Владо Томески, претседател на Здружение на воени инвалиди и воени ветерани „Братство 2001“.

Здружението е формирани со цел заштита на правата на бранителите и унапредување на правата на бранителите, но како што рекоа учесниците на Собранието, во изминатите години, Законот за бранители донесен 2002 година и посочените права на бранителите и припадници на безбедносните сили од 2001 година воопшто не се спроведува или се спроведува селективно и се појавува некаква дискриминација.

-Ние како Здружение сакаме да учествуваме во сите договори, а преговорите што ги водат политичките партии да не ги прават врз наш грб. Ние бараме да се почитува актуелниот Закон за бранители донесен во 2002 година и без наше учество да не се донесуваат нови т.н. закони. Бараме целосно ослободување на бранителите од здравстена партиципација и давачки, бараме вработувањата во локалната самоуправа да се реализираат според законот, бараме бесплатно образование на државните факултети кое иако е утврдено во законот селективно се применува. Не прифаќаме дискриминација и ние ќе поднесеме пријава до Комисијата за спречување на дискриминација, посочи Мики Ристовски, потпретседател на Здружение „Братство 2001“.

Според Боби Петковски, воен инвалид, 1903, 1941 и 2001 година треба да се утврдат со закон како години во кои се одвивала борба за Македонија.

-Ние настаните од 2001 година нема и неможеме да ги заборавиме иако некои велат дека тоа треба да се заборави. Ние воените инвалиди сме третирани како луѓе од трет ред. Нашите инвалиднини не стигнуваат само за лекарствата што ги купуваме. Нашата држава посебно голем пропуст направи кон лицата со поствоен синдром чија болка е голема и нивната траума е многу тешка. Државата мора на тие луѓе да им излезе во пресрет и да им помогне бидејќи терапијата е многу скапа. Бараме поддршка од сите, законите донесени од 2002 до 2020 година да се применуваат. Нашето барање е, и ќе остане, да се зголемат инвалиднините и да се дадат боречки пензии на сите учесници во конфликтот во 2001 година, истакна Боби Петковски, воен инвалид. мт/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан