• вторник, 24 декември 2024

Здружението „Ековита” чека датум за референдум против депонија во Неготино

Здружението „Ековита” чека датум за референдум против депонија во Неготино
Неготино, 3 февруари 2020 (МИА) - Здружението „Ековита” чека датум за референдум против депонија во Неготино. По собраните 3.323 потписи над законскиот минимум од 20 проценти од населението, Советот на Општината, според претседателот на Здружението Сашко Тодоров, е должен да одреди датум за одржување референдум.
Тодоров појаснува дека согласно  став 1 член 81  од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, Советот тоа треба да го стори во рок од 30 дена од поднесување на предлогот со барањето и потписите, а тој рок е 13 февруари 2020 година.
 
Тој потсетува дека во меѓувреме се прекина постапката за продажба на локацијата и се укинаа сите одлуки за депонијата од сегашната и предходната локална самоуправа.
 - „Ековита” е против одлуката дека референдумот е безпредметен, бидејќи се укинати продажбата и претходните одлуки за депонијата од 2009 и 2019 година. Овие одлуки се политички и граѓаните имаат недоверба кон локалната самоуправа и може да се повторат од некоја следна локална самоуправа.
Целта ни е да се изјаснат граѓаните и затоа е поставено прашањето, ,,Дали сте за изградба на депонија за неопасен и инертен индустриски отпад и други видови на загадувачи во Пепелиште, „за” или „против”. 
Со позитивен исход на граѓаните, според Тодорв, ќе се стави крај на секаква идеја за изградба на депонија, и тој јавно повикува да се одреди  датум за референдум.  - Доколу не се добие одговор во законски одредениот рок, „Ековита” ќе ги повика граѓаните пред зградата на општината. Неготино покажа голема сплотеност и поддршка за оваа иницијатива, а неготинци никогаш не биле толку единствени досега, додава Тодоров. свд/бт/

Остани поврзан