• понеделник, 23 декември 2024

Здружението ХОПС распиша оглас за резиденцијален престој во природа за визуелни уметници

Здружението ХОПС распиша оглас за резиденцијален престој во природа за визуелни уметници
Скопје, 17 август 2022 (МИА) - Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје распишува оглас за резиденцијален престој за двајца млади визуелни уметници. Темата која ќе ја истражуваат во рамките на нивниот резиденцијален престој е „Животот во природа“ и е предвидено да трае 14 дена во природа надвор од населени места. - Резиденцијалниот престој ќе се реализира во Вила Преведена 2 во периодот од 1 до 14 септември. Вилата се наоѓа на 1200 метри надморска височина на планината Огражден помеѓу Берово и Струмица. Ова место е изолирано во планината и нуди извонредни можности за творење и истражување на темата живот во природа. Во близина живеат две фамилии и тие за уметниците можат да бидат извор на информации за темата, велат од здружението. Во текот на престојот, како што информираат од ХОПС, учесниците ќе имаат поддршка за нивната работа од координаторот на проектот и локалните мештани. Во текот на последните два дена од резиденцијалниот престој ќе се организира видео разговор со младите уметници. - Во договор со уметниците во текот на месец ноември ќе бидат организирани две виртуелни ( он-лајн изложби) на уметниците кои учествувале во овој истражувачки проект. На изложбите ќе бидат промовирани делата креирани како резултат на нивниот престој во природа и истражување на темата “Живот во природа”, информираат од ХОПС. Трошоците за сместување се покриени од организаторот. Дополнително уметниците ќе добијат дневници од 6.500 денари за храна. Вилата располага со две посебни соби, кујна и тоалет, кабелска телевизија и интернет. Како услови за учество во проектот се наведува уметниците да не бидат на возраст постара од 35 години, да имаат реализирано најмалку една самостојна изложба или видео проект, делата кои ќе ги изработуваат за време на резиденцијалниот престој треба да бидат една или комбинација од следниве форми на визуелна уметност: Фотографија, сите сликарски техники, инсталација, видео арт, со пријавата да се достават најмалку три (3) уметнички дела како портфолио, како и биографија преку електронска пошта, како и мотивационо писмо. Заинтересираните уметници треба да се пријават најдоцна до 21 август 2022 година на полноќ на електронската пошта vlatkod@hops.org.mk. Приоритет ќе имаат уметниците кои досега не користеле финансиски средства од Министерството за култура. сх/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан