Здружението на лица со церебрална парализа од Велес на средба со кандидатите за градоначалник побара да им се овозможат услови за достоинствен живот
- Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес на нивна покана оствари средба со кандидатите за градоначалник на Општина Велес кои дадоа свои размислувања и поддршка
Велес, 15 октомври 2021(МИА) - Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес на нивна покана оствари средба со кандидатите за градоначалник на Општина Велес кои дадоа свои размислувања и поддршка на членовите на Здружението и нивните родители, информира Далиборка Златева, претседател на Здружението.
Таа појасни дека на оваа средба присуствувале Ненад Коциќ од СДСМ и Марко Колев од ВМРО-ДПМНЕ, додека Златко Арсов од Левица поради работни обврски не бил во можност, но телефонски ги исконтактирал и ги споделил своите размислувања со нив за поддршката.
Златева информира дека лицата со попреченост и нивните родители ги замолиле кандидатите за градоначалник да се заложат, тој што ќе биде избран на претстојните локални избори, при преземање на власта, оваа група на граѓани повеќе да не е на маргините од општественото живеење, туку да бидат општествено инклузирани.
- Побаравме повеќе да не се зборува „ќе направиме“, туку „направивме“ услови за достоинствен живот. Побаравме поддршка за социјалните сервисни услуги кои можат да го подобрат и унапредат животот на лицата со попреченост и отворено замоливме да бидат наши поддржувачи и соработници, а тие ни ветија поддршка, потенцира Златева.
Таа искрено им заблагодари за посветеното време и им посака успех на претстојните локални избори. ад/мс/