• петок, 05 декември 2025

Здравствениот дом од Крушево ќе добие ехо апарат донација од Јапонија

Здравствениот дом од Крушево ќе добие ехо апарат донација од Јапонија

Скопје, 1 октомври 2025 (МИА) - Ехо апарат за прецизна дијагностика вреден 49.624 евра ќе добие Здравствениот дом од Крушево во рамки на Грант програмата на мали проекти за човекова безбедност или GGP која е еден од главните столбови за соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија. За таа цел денеска во Скопје беше потпишан Договор за грант од страна на јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара и директорката на Здравствениот дом Крушево Александра Мијајлевска Стефановска.

-Грант програмата на мали проекти за човекова безбедност или GGP, која е еден од важните столбови за соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија. Од 1996 година во рамки на оваа рамка, Јапонија поддржа 186 проекти во областите на здравството, образованието и животната средина. Во рамки на иницијативата за соработка со Западен Балкан, Јапонија е силно посветена на поддршката на економскиот и социјалниот развој на Сецерна Македонија, што е неопходно за целосно интегрирање во ЕУ, рече на церемонијата на попишувањето на Договорот амбасадорката Кавахара.

Таа додаде дека во здравствениот сектор во земјава Јапонија донирала речиси 4 милиони евра за обезбедување медицинска опрема и реновирање болници, придонесувајќи, како што истакна, за подобрување на здравстените услуги во целата земја.

-Денеска, уште еднаш ја потврдуваме континуираната поддршка на народот на Јапонија за здравстениот сектор во Северна Македонија. Би салака да ја искористам оваа можност да им оддадам длабока почит на сите лекари и целиот медицински персонал  во оваа земја, вклучувајќи ја директорката на Здравствен дом Крушево, кои работат дење и ноќе за пациентите. Вашиот придонес е неизбежен и се надевам дека овој проект ќе биде успешен, а новиот апарат ќе придонесе за прецизна дијагноза и подобрување на медицинската грижа, рече јапонската амбасадорка. 

Мијајлевска Стефановска, заблагодарувајќи на помошта, истакна дека Крушево е мала и не многу богата општина и оти оваа помош многу ќе значи во работата на Здравствениот дом.

-Во нашиот Здравствен дом работиме со ограничени ресурси. Затоа оваа поддршка е од особено значење. Преку овој проект за набавка ќе добиеме современ ехо апарат кој ќе овозможи побрза и попрецизна дијагностика, подобра грижа за пациентите, како и значително унапредување на здравствените услуги што ги нуди локалната заедница. Овој проект не претставува само инвестиција во апаратура, туку и во здравјето на граѓаните на Крушево и околните населени места, рече таа.

Мијајлевска Стефановска верува дека со оваа поддршка ќе се придонесе за рано открување болести, навремено лекување и подобрување на кавлитетот на живот на граѓаните.

-Јапонија уште еднаш покажа дека е искрен пријател на нашата земја и на нашите граѓани. Длабоко сме благодарни за овој чин на солидарност и поддршка која ќе остане трајно запишана во развојот на нашата здравствена установа, рече директорката на крушевскиот Здравствен дом. 

Церемоинијата на потпишување на Грант договор со Здравствен дом крушево за проект за обезбедување нов ехо апарат со се одржа во просториите на јапонската Амбасада во Скопје. сст/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан