• сабота, 23 ноември 2024

Згрижувач - форма најблиска до биолошко семејство што трајно ќе промени нечиј живот

Згрижувач - форма најблиска до биолошко семејство што трајно ќе промени нечиј живот
Скопје, 12 јуни 2022 (МИА) - Да се биде згрижувач на дете е многу благородна, хумана и исполнителна работа. Поради фактот што во државава има недостиг на згрижувачки семејства, секој човек кој смета дека може да пружи љубов и внимание на децата треба да се пријави и да стане згрижувач. Најважен критериум да се стане згрижувач е секако да се има волја, љубов и емпатија за децата, но исто така да се има и сензибилитет за нивното минато и од каде доаѓаат за да можат да се разберат нивното однесување и потреби. Да се биде згрижувач е животна улога што трајно ќе промени еден живот. Деновиве, во 25 градови низ државата се спроведува кампањата „Подај рака и промени живот – стани згрижувач“. Оваа кампања неслучајно почна да се спроведува на 1 јуни, кога воедно е и Ден на згрижувачките семејства. Кампањата ја спроведуваат Приватната установа СОС Детско село и Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Заводот за социјални дејности, трите центри за поддршка на згрижувачки семејства, центрите за социјална работа, како и претставниците на локалната власт. Идејата е, преку оваа кампања, да се добијат што повеќе нови згрижувачки семејства, да се допре до населението за да се запознае со темата згрижување, да се поттикнат нови кандидати, се со цел да се зголемат ресурсите за сместување на деца. Со цел да излезе во пресрет и да појасни што всушност значи згрижувањето, екипа на МИА разговараше со директорката на СОС Детско село Јулијана Гапо, како и со Јагода Насковска која е семеен советник и социјален работник и Силвана Тушевска која е згрижувач. Директорката на СОС Детско село Гапо појаснува дека згрижувањето во семејство всушност опфаќа основна заштита и 24-часовна грижа за деца коишто од разни причини морале да го напуштат своето биолошко семејство. Постојат неколку типови на згрижување - општо згрижување, роднинско згрижување, специјализирано, интервентно или привремено, така што законот разликува неколку начини на грижа. - Згрижувањето на деца во згрижувачко семејство претставува најдобрата форма за грижата на деца, бидејќи е најблиску до биолошко семејство и така се максимизираат резултатите во однос на нивниот психо-физички развој, се воспоставува емоционална врска помеѓу згрижувачот и детето, полесно се интервенира. Затоа згрижувањето и на светско ниво се смета за нешто што е во најдобар интерес на децата, нагласува Гапо во изјавата за МИА. Згрижувањето, како што додава, значи обезбедување на основни потреби, пред сè дом, грижа, храна, здравствена заштита, но и други дополнителни потреби во зависност од потребите на корисниците кои во најголема мера се деца без родители, но има и дел возрасни, најмногу со одредени попречености. Согласно законските критериуми секое лице од 18 до 62 години може да биде згрижувач, да има најмалку основно образование, да не биде осудуван, да не биде ограничен од родителско право, да има одредени услови, материјални и просторни услови каде што би можел да згрижи дете и на крајот да помине соодветна обука за згрижување врз основа на што ќе се донесе финалната проценка за тоа дали некој има компетенција да биде згрижувач или пак, тој самиот да процени дали може да стане згрижувач. Во рамки на СОС Детско село, од неодамна функционира Центар за поддршка на згрижувачки семејства, кој за сите потенцијални кандидати што ќе покажат интерес да станат згрижувачи, обезбедува високо-стручна обука по меѓународно признаена „прајд“ методологија. Оваа методологија, како што појасни социјалниот работник Насковска за МИА, е структурирана во девет сесии за потенцијалните згрижувачи низ кои кандидатите се обучуваат на темата згрижување, се продлабочуваат нивните знаења, се јакнат нивните компетенции, се со цел да стекнат информации за тоа што всушност утре би се очекувало во однос на нивното извршување на згрижувачката функција, каква поддршка им е потребна на овие деца и така натаму и самостојно да донесат одлука дали сакаат да прифатат згрижувачката функција. Секако, како што додава, оваа обука дава можност и на стручните лица паралелно да направат проценка дали потенцијалниот кандидат има лични потенцијали за да ја прифати згрижувачката функција и да се грижи за деца. Целта на оваа обука е низ одредени теми да се јакнат компетенциите и вештини на потенцијалните кандидати, да се продлабочуваат нивните знаења, се со цел да се добијат квалитетни згрижувачи кои ќе станат значајни ресурси во системот на социјална заштита. Во оваа обука, како што појасни Насковска за МИА, прецизирани се пет клучни компетенции по коишто ја прават проценката на кандидатите. Првата е тие да овозможат квалитетна заштита и нега на сместеното дете, втората се однесува на вештините на кандидатот да ги препознае развојните потреби на детето и исто така да ги препознае развојните заостанувања на детето и да знае како со истите да се справи. Понатака, да обезбеди соработка со биолошките сродници на детето, да изгради трајни и безбедни релации со детето и да го едуцираат да ја разбере својата улога како дел од еден професионален тим што го сочинуваат старателскиот орган, стручните лица, сродниците, самиот згрижувач, односно да знае како треба и кои информации да ги споделува за детето поврзани со неговиот развој, за да можат стручните лица да обезбедат соодветна помош и поддршка. Покрај оваа обука што се предвидува за потенцијалните кандидати, Центарот за поддршка на згрижувачки семејства исто така обезбедува тековни обуки, тематски, за веќе постоечките згрижувачи кои преку овие обуки ги јакнат своите вештини, го унапредуваат своето знаење, коешто им е потребно во грижата за децата. - Во декември 2021 година нашата организација како препознатлива организација по професионалниот пристап во заштита на најдобриот интерес на децата и обезбедување квалитетна грижа за деца без родителска грижа се стекна со лиценца од Министерството за труд и социјална политика за отворање на Центар за помош на згрижувачки семејства. Центарот е еден од трите што функционираат на ниво на држава и почна со работа имено по добивањето на оваа лиценца, односно во декември 2021 година, посочува Насковска, појаснувајќи ја функцијата на овој Центар. Центарот, додава таа, функционира како регионален центар со надлежност на одреден регион што е посочен од страна на државата. Надлежноста на Центарот е во однос на поддршка на згрижувачки семејства лоцирани во овој регион. Значи во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при СОС Детско село работат стручни лица, професионалци, со долгогодишно искуство во оваа област и во моментов, како што информира Насковска, даваат поддршка преку Центарот на вкупно 64 згрижувачки семејства во коишто се сместени вкупно 150 деца. - Главната задача е да се даде поддршка, односно згрижувачите да се насочуваат од стручните лица во правец да обезбедат квалитетна семејна грижа, да обезбедат сигурна поддржувачка средина за децата сместени во згрижувачки семејства. Исто така, покрај оваа поддршка, даваме и помош на згрижувачките семејства во справување со предизвиците со кои се соочуваат со децата кои живеат во згрижувачките семејства, вели Насковска. Згрижувачките семејства добиваат континуирана поддршка од страна на стручните лица кои го следат развојот на децата, им помагаат, ги советуваат, им даваат целосна поддршка во однос на оние потреби што згрижувачот ги има поврзани со грижата за сместеното дете. Една од задачите на стручните лица во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства е и да ја одржуваат мотивацијата на згрижувачите, односно нивната посветеност. - Тоа се прави преку советодавни разговори, редовна комуникација, како и преку организирање на групи за самопомош што овозможуваат да згрижувачите врз основа на своите сопствени искуства меѓусебно си дадат сами на себе поддршка во комуникација со останатите згрижувачи кои исто така имаат слични предизвици или потреби од соработка, нагласува Насковска. Тоа што исто така Центарот го прави во рамките на својата дејност е јакнење на мрежата на соработници кои се потребни за задоволување на потребите на децата кои се згрижени. - Во контекст на тоа, ние како Центар соработуваме со дарители, институции, компании што ја помагаат таа дејност и секако се важни во поддршка на развојот на децата, вели Насковска, додавајќи дека една од задачите на Центарот е да се развива мрежата за поддршка на згрижувачките семејства. Тие како Центар соработуваат со индивидуи, институции и компании за задоволување на потребите на децата затоа што на крајот главната нивна цел и заложба е овие деца кои се сместени во згрижувачките семејства да ги добијат истите можности, како и децата кои живеат во биолошките семејства. Законски, згрижувањето во која било форма, без разлика дали е тоа згрижувачко семејство, е до 18 години, значи додека децата станат полнолетни. Директорката на СОС Детско село Гапо, посочи дека со оглед на тоа што згрижувањето е специфична форма на грижа, се воспоставува блиска врска помеѓу згрижувачот и детето, па така, кога детето ќе наврши 18 години, одлуката останува на згрижувачот и на детето, дали тоа ќе остане и понатаму да живее во тоа семејство, но таа релација ќе си остане засекогаш. Според Гапо, првенствено, важно е граѓаните да добијат информации и да разберат што значи да се биде згрижувач. Исто така, треба да ја разберат разликата помеѓу згрижувањето и посвојувањето. - Згрижувањето постои повеќе од 60-70 години, има некоја традиција дека сè уште луѓето не прават разлика помеѓу згрижување и посвојување и важно е таа информација да стигне до што повеќе граѓани во нашата држава бидејќи се повеќе има семејства или поединци, кои имаат можност и би сакале да згрижат дете. Првенствено се фокусираме на тоа да ги направиме информациите достапни и до јавноста, со тоа што креиравме посебна веб-страница, посебен телефонски број - 075/277-447, a ќе се организираат и дополнителни обуки на кои може да се вклучат, вели Гапо. Процесот на обука, нагласува таа, не е едноставен и не се очекува да се случи преку ноќ, меѓутоа сакаат во континуитет да работат на свесноста и луѓето да ги разберат и дознаат сите бенефиции што може да ги добијат како згрижувачи. - Секој граѓанин може да се вклучи и во обука на згрижувач и вклучувањето во обука не значи одлука дека ќе станете згрижувач, туку уште подетално ќе се запознаете со тоа што значи да се биде згрижувач, какви предности и предизвици носи, со цел да научите дека вие може да бидете тие што можат да се носат со ваква одлука, порача Гапо. Имено, државата препознава дека е потребен дополнителен финансиски надоместок, па согласно најновите цени, државата дава 16.700 денари доколку згрижите едно дете, доколку згрижите две деца се дава надоместок од 14.500 денари за секое дете поединечно, доколку згрижите три деца сумата се намалува, по 13.000 денари. - Законски државата дозволува до пет деца да можат да бидат згрижени во едно семејство и доколку имате пет деца, сумата е околу 11.000 по дете што значи за пет згрижени деца тоа е околу 55.000 денари, но има и додатоци што им следуваат како детски додаток, образовен додаток, а во однос на децата со попреченост, можам да кажам дека државата дава најголем финансиски надоместок којшто скоро достигна 20.000 денари, посочува Гапо. Силвана Тушевска која е згрижувач, за МИА вели дека подобро се чувствува кога ќе ја наречат мајка Силвана. Таа низ многу силни емоции ни раскажа што значи да се биде згрижувач. - Јас сум Силвана или подобро се чувствувам кога ќе ме наречат мајка Силвана. Работам како згрижувач веќе десетина години. За овие десет години поминале многу деца, меѓутоа девет деца се веќе израснати и самостојни личности во ова општество коишто се многу блиски и секогаш не посетуваат и така што таа релација секогаш останува нераскинлива меѓу нас. Сега во моментов чувам пет дечиња на различни возрасти и многу се радувам што семејството се освежи со две помали дечиња, тие се уште во градинка, многу се мали, им треба внимание, со нив има радости, палавштини се тоа што го носи кога децата растат и се развиваат, раскажува Тушевска. Таа апелира до секој кој чувствува нешто во себе и мисли дека може да пружи љубов и внимание на децата да се пријави и да стане згрижувач бидејќи, како што вели, ова е многу хумана, многу благородна и исполнителна работа што го прави човекот среќен секој ден. Со оглед на тоа што во моментов на ниво на држава има 350 згрижувачки семејства во чии рамки се згрижени околу 550 деца, директорката на СОС Детско село Гапо посочува дека мора да се насочиме кон зголемување на бројот на згрижувачките семејства. - На годишно ниво од некоја практика досега се јавуваат меѓу 80 и 100 деца на кои им е потребно згрижување, а вообичаено околу 20-30 деца се згрижуваат. За другите може и некоја друга форма да биде избрана - имаме мали групни домови, може да се врати и во биолошко семејство. Всушност можеби помеѓу 15 и 20 посто од моменталниот број е потребно да се зголеми, со оглед на тоа што старосната граница на голем број згрижувачи е веќе висока, што значи во наредниве две три години државава ќе се најде во незавидна состојба, кога тие ќе одат во пензија, голема бројка на деца ќе останат дополнително на оваа редовна бројка на годишно ниво. Сега сме во една фаза каде флуктуацијата се зголемува, околу 35 посто од згрижувачите се со голема возраст, посочува Гапо. Во споредба со Србија, која има околу три илјади згрижувачки семејства, ние немаме многу згрижувачки семејства. Гапо посочува дека во Косово на пример има само околу 30-40 згрижувачки семејства, но имаат 400 роднински семејства. Кај нас, вели таа, многу малку блиски сродници се одлучуваат да згрижат дете на блиско семејство.

  Кристина Ивановска Марија Спасовска фото: Дарко Попов и Фросина Насковиќ видео и монтажа: Срѓан Крстиќ                        

Остани поврзан